Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 13.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.04.2020 - 23:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

13.4.1987 – Почина Стерјо Боздов, познат македонски лекар

На денешен ден во 1987 година, во Крушево, умира познатиот македонски лекар Стерјо Боздов. Роден е на 7 јануари 1902 година во Крушево. Бил лекар, револуционер и редовен професор на Катедрата по хигиена и прв декан на новоформираниот Медицински факултет во Скопје (1947-1950). Студирал медицина во Виена и во Белград, каде што дипломирал во 1933 г. Во периодот меѓу двете светски војни, поради прогресивните политички и социјални идеи и активно учество во револуционерните движења бил прогонуван, затворан и осуден на робија. Бил член на АСНОМ и повереник за здравство на Македонија во 1944 година. Од 1950 до 1952 година е проректор на Универзитетот во Скопје и претседател на Македонското лекарско друштво од 1951 до 1952 година. Од 1952 до пензионирањето работел како лекар во Куманово. (Т. С.)

 

13.4.1909 – Роден е математичарот Стен Улам

Станислав Стен Улам (Stanisław Marcin Ulam) e полско-американски математичар. Учествувал во Проектот Менхетн, од каде настанал Телер-Уламовиот дизајн за термонуклеарно оружје и бил вклучен  во раните истражувања за употребата на компјутерите во математиката. Го смислил методот Монте Карло, којшто претставива збир пресметковни алгоритми коишто се засноваат на повторувањето случајни причинители за добивање на нумерички резултати. Со помош на овој метод Ulam го пресметал и го предложил нуклеарниот пулсeн погон. Докажал неколку теории и предложил неколку хипотези. (И. З.)

 

13.4.1960 – Лансиран е првиот навигациски сателит

НАСА и морнарицата на САД го лансираат првото летало од серијата навигациски сателити Транзит. Транзит-1Б е дизајниран да им помогне на бродовите во морнарицата да ја утврдат нивната позиција на море. Навигацискиот систем Транзит ќе може да ја прикаже точната локацијата на бродот со прецизност од околу 150 метри во почетната фаза на програмата, за кон крајот на програмата, во 1996 година, прецизноста да биде зголемена на ±80 метри. Овие сателити беа почетните чекори во развојот на сегашната сателитска GPS технологија. (Н. С.)

 

13.4.1941 – Роден е Мајкл Стјуарт Браун

Мајкл Браун е американски биолог кој во 1985 година заедно со Џозеф Голдстајн ја добива Нобеловата награда за медицина, за нивните откритија за начинот на којшто метаболизмот го регулира холестеролот. Тие откриле дека клетките го отстрануваат холестеролот од крвотокот со помош на липопротеини со мала густина. Ова откритие ќе доведе до развојот и примената на статинските лекови за намалување на холестеролот коишто денес ги користат многу луѓе. (Н. С.)

Клучни зборови:
Стерјо Боздов, познат македонски лекар

Стерјо Боздов, познат македонски лекар

Навигацискиот сателит Транзит-1Б

Навигацискиот сателит Транзит-1Б

Станислав Улам

Станислав Улам

Мајкл Браун

Мајкл Браун