За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
7.4. 1930 – Роден е Благој Бадиев, познат македонски хирург
Познатиот македонски хирург-уролог Благој Бадиев е роден на денешен ден во Штип, во 1930 година. Редовен професор е на Медицинскиот факултет во Скопје. Од 1987 до 1995 година бил директор на Клиниката за урологија. Учествувал во тимот што ги извршил првите трансплантации на бубрези од кадавер и жив донатор. Објавил повеќе од 60 научно-стручни трудови. Се занимавал и со лекување на урогенитална туберкулоза и тумори на мочниот меур. Вовел имунотерапија кај суперфициелните тумори на мочниот меур. (Т. С.)
7.4.секоја година – Светски ден на здравјето
Светската здравствена организација го поддржува одбележувањето на Светскиот ден на здравјето, 7 април. Секоја година се покриваат теми од различни области на здравјето и здравствената заштита, со вел да се подигне свесноста за некој специфичен проблем. Оваа година во фокусот е работата на медицинските сестри и бабиците, како и нивната централна улога во негата на болните особено во ек на пандемијата на Ковид-19. (Н. С.)
7.4.2001 – Лансиран е Марс Одиси
Марс Одиси (Mars Odyssey) е вселенска сонда на НАСА наменета за истражување на Црвената планета. Сондата пристигна и беше поставена во орбитата на Марс на 24 октомври истата година. Примарна задача на мисијата е мапирање на Марс и пренесување на податоците од роверите на површината до Земјата. Мисијата е планирано да продолжи со работа до 2025 година. (Н. С.)