Изминатата сабота беше 4-ти април, денот кој македонскиот Пежо 404 Клуб го одреди за потсетувње на легендарниот модел 404 на фабриката Пежо.
Заради мерките на ограничување на јавните собири, членовите се договорија, секој по свое сопствено чувство, да одреди како ќе го одбележи Третиот јубилеј на клубот.
Логично на предвидувањата, малата група ентузијасти, со по некој од најблиските пријатели, како и пријателите од Клубот Мини (Морис) и Буба Клубот од Скопје, се сретнаа во центарот на Скопје, се паркираа на Скопското Кале за куса фото-сесија и на пропишаната дистанца извозеа почесен “круг“, кој всушност не беше круг, туку “отсечка“ во два правци долж булеварот Партизански Одреди, од зградата Тифани до кружниот тек на почетокот на Ѓорче Петров и назад.
Сообраќајот во саботното дождливо пладне беше прилично динамичен, па останатите учесници во сообраќајот беа почестени и изненадени од неочекуваната пријатна глетка – кога 6 историски примероци на Пежо 404 продефилираа во одлична возна состојба пред нивните очи и радосна насмевка. Дури и ни препуштаа предност да поминеме пред нив, што е постапка во сообраќајот која сè поретко забележува како акт на добра волја и на галантно однесување.
Овој избор на убави фотографии, дело на Петар Маниќ (Пежо 404) и Ана Молкоска (Мини), ќе останат да сведочат дека и во моменти на големи искушенија, креативниот дух и творечкиот ентузијазам на човекот секогаш придонесуваат тој да ги надмине предизвиците, збогатен со скапоцено искуство и освестен за фокусот на вистинските и суштински вредности на животот. До тоа искуство полесно доаѓаме доколку сме имале можност да уживаме во убавината, елеганцијата, сигурноста, удобноста и во квалитетот на такви ретки дела на уметноста и технолоијата, каков е автомобилот Peugeot 404.
Активноста беше дел од подготовките за патувањето на неколку членови на Клубот од Скопје до Република Франција во посета на Музејот на Пежо во Сошо и назад до Скопје. Од клубот се надеваат дека ќе успшеат да обезбедат средства за покривање на трошоците за патувањето на барем 4 возила. Воедно при комуникацијата со слични клубови биле добиени сигнали дека на малиот конвој сосема можно е попатно да му се придружат и пријателите на Пежо 404 од Србија, Хрватска и од Словенија, па на тој начин овој настан би стекнал и меѓународен карактер.