Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 4/5.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.04.2020 - 13:30

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

4.4.1929 – Починал Карл Фридрих Бенц

Бенц е машински инженер, конструктор и произведувач на првиот автомобил во светот кој е претставен во 1885. година. Автомобилот бил со три тркала, со голем пречник налик на кочија. Бил задвижуван од 4-тактниот бензински мотор (958 cm3; 0,75 КС) на Николаус Ото со принудно палење. Автомобилот за прв пат бил возен по улиците на Мајнхајм. Следната, 1886. година добива патент за овој автомобил. Во историјата на автомобилизмот овој настан е од непроценливо големо значење затоа што конечно покажа дека со една пристојна конструкција на кочијата (подоцна каросерија) и релативно мал и ефикасен мотор, може да се реализира вековниот сон на човекот да се овозможи автономен превоз без потреба од запрежни животни. Останатото е историја. (Т. С.)

 

4.4.1980 – Марк Андресен и Џим Кларк го основаа Netscape

Netscape беше првата компанија што се обиде да профитира од појавувањето и наглата популарност на World Wide Web. Беше основана на 4 април 1994, под името Mosaic Communications Corporation од страна на Џим Кларк, кој ги „регрутираше“ Марк Андресен за соосновач и Клајнер Перкинс како инвеститори.

Првиот работен состанок меѓу двајцата основачи воопшто не беше во никаква врска со софтвер од типот на Netscape, туку за производ сличен на Nintendo. Дури и направиле концепт за онлајн гејминг мрежа за Nintendo, за конзолата Nintendo 64, но договорот никогаш не беше реализиран. Марк Андерсен објаснил дека доколку го испратеа концептот една година порано, веројатно ќе се посветеле на тоа, наместо на Netscape.

За потсетување, нивниот прв веб-прегледник Mosaic Netscape 0.9 се појави на 13.10.1994. (З. И.)

 

4.4.1284 – Почина Алфонсо X од Кастилја

Алфонсо X од Кастилја (Alfonso X de Castilla, el Sabio), познат и како Алфонсо Мудриот, бил крал на Шпанија и астроном. Неговите планетарни табели со приказ на позициите на планетите се користеле како стандард во наредните 300 години во средниот век. (Н. С.)

 

4.4.1688 – Роден е Жозеф-Никола Делизл

Жозеф-Никола Делизл (Joseph-Nicolas Delisle) е француски астроном и картограф, познат по тоа што го измерил растојанието помеѓу Земјата и Сонцето, мерејќи го времето за коешто Венера и Меркур транзитираат пред Сонцето.

Делизл прв предложил дека прстените во боја што повремено се јавуваат околу Сонцето се последица на дифракцијата на светлината при минувањето низ водената пареа од облаците. (Н. С.)

 

5.4.1901 – Родена е Хети Александер

Хети Александер (Hattie Alexander) е американски педијатар и микробиолог. Ако некогаш во детството сте заболеле од менингитис предизвикан од Haemophilus influenzae, тогаш веројатно сте преживеале благодарение на работата на оваа неверојатна жена.
Причинител за детскиот менингитис е бактериска инфекција којшто предизвикува воспаление на ткивата што го покриваат мозокот и ’рбетниот мозок. Ова вообичаено предизвикува треска со висока температура, а претставува едно од најчестите бактериски инфекции кај малите деца. Кога д-р Александер започнала да ја истражува оваа бактерија во 1940 година, децата коишто биле заразени од оваа форма на менингитис во кој било случај умирале. Таа развила серум и третман којшто имал големо влијание за намалување на смртноста при оваа состојба. Првичните резултати од нејзината работа придонеле за намалување на смртноста од 100% на околу 20%. Денес овој тип на менингитис се лекува со многу помоќни антибиотици.

Хети Александер открила дека бактериите еволуираат со цел да создадат отпорност на антибиотикот што се користи за нивно сузбивање. Ова откритие ја насочило нејзината работа кон полето на микробската генетика, а потоа и кон откритијата на ДНК што ги контролира карактеристиките на бактериите коишто ја предизвикуваат болеста.

Александер е првата жена претседател на Американското здружение на педијатри. (Н. С.)

 

5.4.1827 – Роден е Џозеф Листер

Џозеф Џексон Листер (Sir Joseph Jackson Lister) е британски хирург, истражувач и основач на антисептичката хирургија. Листеровите истражувања примарно биле насочени кон проучување на микроскопските промени во ткивата предизвикани од воспалителните процеси. Кога се запознал со откритијата на Пастер во врска со микроорганизмите, објавени во неговиот труд од 1864 година, Листер веднаш започнал сопствени истражувања при коишто ги применил размислувањата на Пастер во врска со бактериите. Притоа тој правилно заклучил дека воспалението на хируршките рани настанува како последица од навлегувањето на микроорганизмите во самата рана и од нивниот понатамошен развој. Со оглед на тоа што не постои безбедна можност за примена на Пастеровото решение за уништување на бактериите со топлина кај живи организми, Листер прибегнал кон користење на хемиски средства за уништување на микроорганизмите во раната. По примената на карболна киселина (позната како фенол) за стерилизирање на хируршките инструменти и чистење на раните, Листер постигнал значително намалување на постоперативните инфекции кај своите пациенти, правејќи ја хирургијата побезбедна за животот на пациентите кои претходно масовно умирале како резултат на постоперативна инфекција на раните.

Неговите теории првично не биле добро примени меѓу неговите колеги медицински професионалци, но биле добро прифатени од страна на медицинските школи и школските болници. Ова придонело веќе следната генерација на доктори да го препознаат Листер како основач на современата хирургија. (Н. С.)

Клучни зборови:
Карл Фридрих Бенц и неговата моторна кола

Карл Фридрих Бенц и неговата моторна кола

Моторна кочија, конструкција на Карл Бенц

Моторна кочија, конструкција на Карл Бенц

Нетскејп Навигатор беше најпопуларниот избор за интернет браузер во 90-тите

Нетскејп Навигатор беше најпопуларниот избор за интернет браузер во 90-тите

Логото на Нетскејп се покажуваше на стартот на Навигатор

Логото на Нетскејп се покажуваше на стартот на Навигатор

Алфонсо X од Кастилја

Алфонсо X од Кастилја

Жозеф-Никола Делизл

Жозеф-Никола Делизл

Хети Александер

Хети Александер

Хети Александер

Хети Александер

Џозеф Џексон Листер – татко на антисептичката хирургија

Џозеф Џексон Листер – татко на антисептичката хирургија