Рубрика: Фототехника
Потеклото на боите кај првите фотографии во боја
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.04.2020 - 13:15

Првата фотографија направена во боја којашто го прикажува спектарот од Сонцето

Палета од бои на сребрена плоча – вака изгледа првата фотографија (на спектарот од Сонцето) направена во боја. Фотографијата е направена во 1848 година, од страна на францускиот физичар Едмонд Бекерел (Edmond Becquerel). Неговиот процес за добивање вакви фотографии бил емпириски, никогаш не бил теоретски објаснет и многу брзо бил напуштен. Сега, тим од францускиот Центар за истражување од областа на конзервацијата (CNRS) во соработка со синхротронот SOLEIL и Лабораторијата за физика на цврсти тела, известува дека боите добиени од Едмонд Бекерел се резултат од присуството на метални сребрени наночестички. Нивното истражување е објавено на 30 март, во меѓународното издание на Angewandte Chemie.

Во 1848 година, во Природонаучниот музеј во Париз (Muséum d'Histoire Naturelle), Едмонд Бекерел успеал да направи колор фотографија којашто го прикажува сончевиот спектар. Овие фотографии, коишто тој ги нарекол “фотохроматски слики“, се сметаат за воопшто првите фотографии во боја во светот. Мал дел од нив преживеале до денес, што е последица на нивната преголема чувствителност на светлина, но и на почетно малата по број серија направени фотографии, што се должи на претходно споменатиот фактор. Беше потребно да се изнајдат други процеси за фотографирање во боја за колор-фотографијата да се популаризира и да стане популарен стандард за зачувување на сечии фото-спомени.

Повеќе од 170 години, во научните кругови се расправаше за можните начини на којшто бил постигнат ваквиот фотозапис во боја, но сè досега науката немаше понудено конечен одговор. Тој стана достапен благодарение на ова последно истражување на француските научници. Откако го репродуцираше процесот на Едмонд Бекерел за да направи примероци на различни бои, францускиот тим започна со преиспитување на хипотезите од 19 век со употреба на алатки од 21 век. Ако боите биле резултат на пигменти коишто се формирале при реакцијата на светлина,  тогаш би се покажале варијации во хемискиот состав на секоја од боите, што не било утврдено со ниту еден метод на спектроскопија. Ако тие беа резултат на интерференцијата, како што е појавата на блескави бои на крилјата кај некои видови на пеперутки, обоената површина треба да се состои од горе-долу правилни микроструктури со големина приближно еднаква на брановата должина на бојата што ја прикажуваат. Сепак, при испитување на плочите со електронски микроскоп не биле забележани никакви периодични структури.

Но при испитување на плочите била откриена матрична поставеност на металните сребрени наночестички во зрната од сребро-хлорид, при што дистрибуцијата и локацијата на овие наночестички варирала во зависност од бојата. Научниците претпоставуваат дека во зависност од бојата на светлината (а со тоа и од нејзината енергија), наночестичките присутни во фоточувствителната плоча се реорганизираат: Некои се раздвојуваат додека други меѓусебно се групираат. Новата конфигурација му дава на материјалот можност да ги апсорбира сите бои на светлината, со исклучок на бојата што ја предизвикала промената, визуелно создавајќи ја на овој начин бојата што ја гледаме. Наночестичките коишто имаат својства поврзани со бојата се познати како површински плазмони, електронски вибрации (во овој случај на сребрените наночестички) кои се шират во материјалот. За да се потврди оваа хипотеза биле измерени енергиите на овие вибрации, со помош на спектрометарот којшто е дел од електронскиот микроскоп.

Клучни зборови:
Првата фотографија направена во боја којашто го прикажува спектарот од Сонцето

Првата фотографија направена во боја којашто го прикажува спектарот од Сонцето