Првиот македонски интернет провајдер, Унет, одбележува 25 години постоење и по повод јубилејот одлучи да му помгне на угостителството – најзасегнатиот сектор од кризата поради пандемијата со Ковид-19, на тој начин што за три угостителски фирми бесплатно ќе изработи веб-решенија.
“Деновиве, кога го одбележуваме нашиот 25-годишен јубилеј, се вонредно тешки за сите нас, не само како граѓани на оваа држава, туку и како стопанственици кои се соочуваме со огромни потешкотии во реализирањето на нашите деловни планови и цели. Нашиот јубилеј ќе го одбележиме на тој начин што во месецот на нашето формирање – април, за еден од најзасегнатите сектори од оваа криза поради пандемијата на Ковид-19, угостителството, одлучивме да доделиме изработка на три веб-решенија, целосно бесплатно, за три фирми од угостителскиот сектор. Со овој гест УНЕТ ги насочува своите ресурси кон ранливите сектори во обид да манифестира единство и сплотеност која е толку потребна во овие предизвикувачки времиња,” соопшти Унет.
Пред точно две и пол децении, односно на 20 април 1995, Унет ја воспостави првата интернет-конекција во Македонија, во време кога населението не само што во најголем дел воопшто немаше слушнато за интернет-мрежата, туку и не поседуваше персонални компјутери.
“Во 25 години развој, покрај сите промени, предизвици и можности, Унет и ИТ-инфраструктурата на државата забрзано се развиваа, издигнувајќи нè како нација во една од технолошки најнапредните во регионот. Денес, преку 80% од населението активно користи интернет, а ИКТ-индустријата е регистрирана како еден од најсилните придонесувачи во БДП”, се наведува во соопштението.
Анета Пешева, основач на Унет и претседател на управниот одбор на МАСИТ, истакнува дека започнале скромно, ентузијастички и дека нивните цели пред 25 години првенствено се сведувале на тоа да го едуцираат населението за тоа што е интернет-мрежата, за што се користи, како се користи електронската пошта итн.
“Денес Унет е компанија која креира уникатни веб-решенија со примена на современи технологии, нуди услуги за хостирање, регистрирање домени, како и корисничка и техничка поддршка за своите корисници”, истакнува Пешева.