Рубрика: Астрономија и астронаутика
Голем астероид ќе прелета близу Земјата во месец април
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 31.03.2020 - 14:45

Голем астероид, класифициран во категоријата т.н. потенцијално ризични астероиди, ќе помине блиску до Земјата, на 29 април оваа година.

Астероидот е всушност крупен космички камен, именуван 1998 OR2, а според проценката на астрономите, тој има пречник од околу 1,8 до 4,1 km, што претставува големина колку широчината на островот Менхетн во САД. Иако астероид со толкава големина би направил пустош на Земјата, ако падне на неа, сепак бидете безгрижни – наведениот астероид не претставува закана за Земјата, па не наседнувајте на погрешни известувања кои се појавуваат во извесни ненаучни медиуми. Имено, астероидот воопшто нема да ја загрози Земјата, туку само ќе помине покрај неа на оддалеченост од 6,3 милиони km, што е за 16 пати поголемо растојание од просечното растојание помеѓу Земјата и Месечината.

Но, сепак, според извесен критериум на Американската вселенска агенција, НАСА, тој астероид е класифициран во категоријата потенцијално ризични астероиди, категорија во којашто припаѓаат сите астероиди што се приближуваат до Земјата на растојание помало од 0,55 астрономски единици (астр. единица = просечно растојание помеѓу Земјата и Сонцето), односно на растојание помало од 7,5 милиони километри.

Астероидот 1998 OR2 орбитира околу Сонцето помеѓу орбитите на Земјата и на Марс, и според неговата орбита, астрофизичарите на НАСА пресметале дека тој повторно ќе се приближи до Земјата во месец мај 2031 година, но тогаш на поголемо растојание, на околу 19 милиони километри. Неговите наредни две приближувања ќе бидат во 2048 и 2062 година но, и тие исто така ќе бидат на поголемо растојание. Меѓутоа, по нив ќе следи најголемото приближување до Земјата, а тоа ќе биде во месец април 2079 година, на растојание од само 1,8 милиони километри. Но, и тогаш Земјата нема да биде загрозена. Имено, и тоа растојание е 4,6 пати поголемо отколку што е растојанието помеѓу Земјата и Месечината, а патеката на астероидот не е насочена кон Земјата, туку е на помин покрај неа. Во врска со тоа, уште ќе кажеме дека НАСА и нејзините меѓународни партнери активно го скенираат небесниот свод трагајќи по такви загрозувачки астероиди, и го студираат начинот на кој тие астероиди можат да бидат одбиени доколку евентуално тие ја загрозуваат Земјата, а се смета дека помеѓу 25 000 различни по големина астероиди, околу една третина се такви големи, загрозувачки астероиди.

Клучни зборови:
Анимацијата направена од Џанлука Маси од проектот Виртуелен Телескоп јасно го прикажува движењето на астероидит OR2 на ноќното небо

Анимацијата направена од Џанлука Маси од проектот Виртуелен Телескоп јасно го прикажува движењето на астероидит OR2 на ноќното небо. Анимацијата е добиена со спојување на серија фотографии направени на 16 март во распон од половина час.

Траекторијата на астероидот 1998 OR2

Траекторијата на астероидот 1998 OR2