Рубрика: Геологија
Антарктикот можеби се топи побрзо од предвиденото
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.03.2020 - 14:00

Оваа слика, направена од НАСА, покажува брановидни формации на површината од глечерот Денман, сместен во источниот дел на Антарктикот, како фрлаат сенки наспроти мразот.

Во изминативе 22 години овој глечер се повлече за цели пет километри и научниците од Универзитетот во Ирвин Калифорнија  и од Лабораторијата за млазен погон на НАСА се загрижени дека обликот на површината на земјиштето под ледената прекривка би можел  да придонесе ледникот да стане уште поподложен на колапс предизвикан од климатските промени.

Тие неодамна го завршија досега најтемелното испитување на глечерот и околината, а резултатите и проценките од ова испитување беа објавени неодамна во Geophysical Research Letters. Ако глечерот Денман потполно се повлече и се стопи, според нив, може да предизвика подигање на нивото на светските мориња за цели 1,5 метри, само од него.

Како што пишува еден од истражувачите вклучени во ова истражување, Ерик Ригнот (Eric Rignot), “Областа на Источен Антарктик долго време се сметаше дека е помалку загрозена, но со подеталното проучување на глечерите како Денман од страна на научната заедница од областа на криосферата, започнуваат да се откриваат докази за потенцијалната нестабилност на морскиот мраз во овој регион. Мразот во регионот на Западен Антарктик во последниве години се топи побрзо, но големината на глечерот Денман значи дека неговиот удел во долгорочното покачување на нивото на светските мориња, при потенцијално топење, е подеднакво значаен.”

Клучни зборови: