За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
30.3.1954 година – Почина Фриц Волфганг Лондон
Фриц Волфганг Лондон (Fritz Wolfgang London) е германско-американски физичар, пионер на полето на квантната хемија. Тој ги опиша ефектите на меѓумолекуларните диполни сили и математички го објасни молекулот на водород. Исто така, заедно со својот брат Хајнц разви модел со за опишување на електричните полиња коишто се создават околу суперпроводниците поради протокот на струјата. (Н. С.)
30.3.1949 година – Почина Фридрих Бергиус
Фридрих Бергиус (Friedrich Bergius) е германски хемичар кој заедно со Карл Бош ја освои Нобеловата награда за хемија во 1931 година за нивната работа za upotreva na методи со висок притисок. Бергиус разви метод за хидрогенизирање на јагленова прашина под голем притисок при што се добиваат бензин и масла за подмачкување. Процесот е познат како Бергиусов процес. (Н. С.)
30.3. 239 година п.н.е. – Направен е првиот запис за астрономско набљудување на Халеевата комета
Халеевата комета е прва комета чиешто појавување на небескиот свод беше препознаено како периодичен настан, којшто се повторива секои 75 години. Проучувајќи ги записите за набудувањата на комети, во хрониките на Ши Чи (Shih Chi) и Вен-Ксиен Тунг Као (Wen-Hsien Thung Khao), кинеските астрономи нашле опис на комета којашто според времето на појава и атрибутите била идентификувана како Халеевата комета. (Н. С.)
30.3.1927 – Родена е Богиња Гучева, познат интернист-ревматолог
Богиња Гучева, познат македонски интернист-ревматолог, родена е во Куманово, на денешен ден во 1927 година. Редовен професор е на Медицинскиот факултет во Скопје. Дипломирала на Медицинскиот факултет во Белград, а специјализирала интерна медицина во Скопје. Повеќе години работела на Одделот и Клиниката за нефрологија и учествувала во воведувањето лекување со хемодијализа. Професионалниот живот го продолжила на Клиниката за ревматологија, како нејзин соосновач (заедно со проф. Д. Арсов) и долгогодишен директор. Воведува поголем број методи за дијагноза и терапија на ревматолошки болести. (Т. С.)