Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 18.3.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.03.2020 - 16:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

18.3.1903 – Роден е Панче Караѓозов, познат македонски хирург

На денешен ден во 1903 година во Штип е роден познатиот македонски хирург Панче Караѓозов, професор и основоположник на македонската хирургија. Бил редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Завршил Медицински факултет во Виена (22.7.1929 година), а хабитирал на темата за тумор на дојкa. Бил на специјализација во Ерлаген (Германија) и во Белград. Се усовршувал во повеќе југословенски и европски клиники. Творец е на современата дигестивна хирургија во Македонија, со особен придонес во хирургијата на желудникот (вовел ваготомија). Еден од основачите е на Медицинскиот факултет во Скопје – Хируршка клиника, на македонската хируршка школа и на Трауматолошкиот центар. Од 1965 до 1967 година бил директор на Хируршката клиника. Заедно со проф. Б. Драгојевиќ и д-р А. Георгиев прв на Балканот применил цефалоспорин во 1964 година. Има објавено повеќе од 50 научни трудови. (Т. С.)

 

18.3.1858 – Роден е Рудолф Дизел

Рудолф Дизел (Rudolf Diesel, 1858 – 1913) е франциско германски инженер, познат како пронаоѓач на дизел-моторот со внатрешно согорување. Дизел-моторот има највискока термичка ефикасност од сите мотори со внатрешно согорување со коефициент на полезно дејство од 0,4. Ова значи дека 40% од топлината што се ослободува при согорување на горивото се претвора во механичка работа. Притоа дизел моторите со помала брзина, кај бродовите и моторите, може да постигнат ефикасност и до 50%.

Смртта на Дизел е обвиткана со превез на мистерија. Последен пат бил виден како вечера во парниот бродот со којшто патувал за Англија, по што исчезнува. Иако по десетина дена од неговото исчезнување било пронајдено тело со неговите лични работи, телото било во напредна фаза на распаѓање и не била можна директна идентификација. Не се знае дали бил убиен, дали се самоубил или паднал од палубата, а некои претпоставки одат толку далеку што шпекулираат дека можеби се искрцал во Англија и продолжил да живее под друго име. Мистеријата ја подгрева и неговото противење за ексклузивна употребата на дизел-моторот од страна на германската морнарица. (Н. С.)

 

18.3.1965 – Првата вселенска прошетка

Во 1965 година беше лансирано леталото “Васход 2“ носејќи ги космонаутите Алексеј Леонов и Павел Балјајев во вселената. Она по што е посебна таа мисија е тоа што токму космонаутот Алексеј Леонов ќе остане запишан во историјата како прв човек кој направил т.н. вселенска прошетка, токму на 18 март. Имено, за време на второто обиколување околу Земјата, тој излегол од леталото и додека бил поврзан со сигурносен кабел со него, останал надвор точно 12 минути и 9 секунди, притоа снимајќи видео и фотографирајќи ја планетата од надвор. Инаку мисијата “Васход 2“ успешно завршила со вкупно 17 орбитирања околу Земјата на височина од 117 километри од Земјината површина. (Г. П.)

 

18.03.1986 – 17-годишно момче го разоткри МИР

17-годишниот Филип Наранјо, ученик од Њу Џерси, успеал да го следи лансирањето на вселенската станица МИР пред Советската влада официјално да го објави тоа. Заедно со група свои пријатели, Филип Наранјо ги следел трансмисиите помеѓу вселенските објекти и центрите за контрола на Земјата. Пред русите официјално да го најават МИР (на 20 февруари), тинејџерите пресретнале код на кирилично писмо. (З. И.)

Клучни зборови:
Професор д-р Панче Караѓозов

Професор д-р Панче Караѓозов (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Д-р Панче Караѓозов (лево), Иванка Јовева (мед. сестра) и Стефан Стефановски (хирург помошник), фотографирани непосредно по ослободувањето

Д-р Панче Караѓозов (лево), Иванка Јовева (мед. сестра) и Стефан Стефановски (хирург помошник), фотографирани непосредно по ослободувањето (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Првиот дизел-мотор

Првиот дизел-мотор

Првата вселенска прошетка

Првата вселенска прошетка

Вселенската станица МИР – разоткриена тајна пред официјалното представување

Вселенската станица МИР – разоткриена тајна пред официјалното представување