За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
16.3.1953 – Роден е Зоран Здравковски, познат македонски хемичар
Зоран Здравковски е еден од најпознатите хемичари во Македонија. Редовен професор е на Природноматематичкиот факултет во Скопје, Институт за хемија. Дипломирал во 1975 година, како најдобар студент од својата генерација. Магистрирал во 1982 година во Скопје, а докторирал во 1989 година во Љубљана (Словенија). Бил на двегодишен докторски престој во Њу Орлеанс (САД). Одржувал настава по неколку предмети од областа на неорганската хемија и примената на компјутерите во хемијата, а подолго време предавал и медицинска хемија за студенти од Медицинскиот факултет.
Научната работа му е од областа на органската и квантната хемија. Секретар е на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, а учествувал и во уредувањето на списанието “Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Регионален уредник е на меѓународното списание “Molecules“. (Т. С.)
16.3.1853 – роден е Хајнрих Кајзер
Хајнрих Густав Јоханес Кајзер (Heinrich Gustav Johannes Kayser) е германски физичар и спектроскопичар. Роден е во Бинген на Рајна.
Неговата првична работа била на полето на карактеристиките на акустичните бранови. За време на затемнувањето на Сонцето во 1868 година, тој го детектирал присуството на хелиум во атмосферата на Земјата. Откритието било направено кога забележал нова спектрална линија во сончевиот спектар. Во 1905 година напишал труд во врска со теоријата на електроните. Единицата мерка кајзер во CGS системот, преку којашто се опишува брановиот број во спектроскопијата, го носи неговото име. Хајнрих Кајзер починал во Бон во 1940 година. (Н. С.)
16.3.1926 – Роберт Годар ја лансира првата ракета со течно гориво
Лансирањето на првата ракета на течно гориво Годар (Robert Goddard) го остварил од фармата на неговата тетка во Обурн, Масачусетс. Ракетата постигнала висина од 12,5 m и брзина од 100 km/h. Ракетата висока 3 m користеше мешавина од течен кислород и бензин. (Н. С.)
16.3.1859 – роден е Александар Степанович Попов
Александар Степанович Попов (1859 – 1905) е руски физичар, прв којшто употребил антена за емитување и примање на радиобранови. Во Русија Попов се смета за изумител на радиото. Но, Александар Попов повеќе бил заинтересиран за атмосерските феномени и го конструирал неговиот уред со цел да го детектира радиошумот којшто го емитуваат молњите. (Н. С.)
16.3.1789 – Роден е Георг Симон Ом
Георг Симон Ом (Georg Simon Ohm 1789 – 1854) е германски физичар. Најпознат е по тоа што го открил односот помеѓу струјата и електромоторната сила, во негова чест наречен Омов закон (U = I·R).
Покрај ова дал значајни придонеси во областите на акустиката, оптиката и на математиката. Во негова чест, единицата мерка за мерење на електричниот отпор во меѓународниот систем на единици и мерки е наречена Ом. (Н. С.)
16.3.1927 – Роден е Владимир Комаров
Владимир Михајлович Комаров е советски космонаут, пробен пилот и инженер. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.
Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути, тој придонел во дизајнирањето на вселенски летала, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Бил назначен да раководи со првата советска мисија со повеќечлена посада “Восход 1“, a потоа и со мисија “Сојуз 1“.
Со неговиот лет во “Сојуз 1“ стана првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш. За жал, при враќањето на “Сојуз 1“од вселената, на 24 април 1967 година, доаѓа до проблеми со падобранот на капсулата и нејзин неконтролиран пад. Така Владимир Комаров стана и првиот човек кој загина при вселенска мисија. Неговоо тело е крмирано и погребано во ѕидот на Кремлин. (Н. С.)
16.3.1953 – Роден е Ричард Столман
Ричард Метју Столман (Richard Matthew Stallman) е основач на Движењето за слободен софтвер, проектот ГНУ и на Задужбината за слободен софтвер.
Столман е докажен програмер, неговите главни достигнувања се создавањето на Емакс (подоцна ГНУ Емакс), колекцијата на ГНУ-компајлери, како и на ГНУ дебагерот. Автор е на општата јавна лиценца на ГНУ, најупотребуваната лиценца за слободен софтвер, којашто го зачна концептот на копилефт.
Уште во средината на ’90 години од минатиот век Столман ќе посвети голем дел од неговото време на водење политички кампањи насочени против патентирањето на софтвер и за проширување на законите за авторски права, како и на промоција на употребата на слободен софтвер. Остатокот од времето, коешто некако успева да го издвои за програмирање, го посветува на развојот на ГНУ Емакс. (Н. С.)
16.03.1990 – Интернетот се протега надвор од САД кон Европа
Националната фондација за наука најави дека ќе ја прошири својата мрежа со брза врска со податоци до Европа. Пет години порано, Интернетот се својата модерна форма започна да се развива брзо благодарение на формирањето на NSFNET, кој поврза пет суперкомпјутерски центри во САД. Подоцна во 1990, Европа придонесе за растот на Интернетот кога Тим Бернерс-Ли на ЦЕРН го разви HTML, јазикот што се користи за World Wide Web. (З. И:)