Рубрика: Биологија
Големите екосистеми побрзо пропаѓаат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.03.2020 - 12:00

Како што открива едно истражување, објавено деновиве во Nature Communications, огромните и богати екосистеми коишто опстанувале со милениуми, како Амазонските прашуми или коралните гребени, на пример, би можеле да се распаднат и исчезнат за помалку од еден просечен човечки животен век.

Според истражувачите, иако овие огромни екосистеми можеби се распаѓаат временски подолго од помалите системи, од проста причина што пренесувањето на промената и стресот на поголеми растојанија одзема повеќе време, сепак стапката на пропаѓање е релативно побрза.

Откако уништувањето на шумите и глобалното затоплување ќе го доведат шумскиот екосистем на работ на одржливост,  во рок од само неколку децении овој екосистем може да се претвори во ливадски. Како што оценуваат истражувачите, некои огромни екосистеми, како што е Карипскиот корален гребен, на пример, би можеле да исчезнат за само неколку години, претворајќи се во посиромашни екосистеми со само неколку доминантни видови.

Истражувањето било поттикнато од забележаниот брз бум на алги во повеќе чисти езерски средини во Кина. Групата британски истражувачи ги презела податоците од повеќе научни публикации, институциски извештаи како и од достапните онлајн банки на податоци, обидувајќи се да дознае колку време му потребно на еден екосистем да премине од една во друга состојба. Притоа биле добиени податоци за вкупно 40 природни опкружувања – езера, корални гребени, морски одгледувачници на риба и шуми, екосистеми чијашто големина варирала од мали езерца до целокупниот биодиверзитет на Црното море, на пример.

Откако била пронајдена врска помеѓу големината на системот и времето што му е потребно за промена на состојбите, коешто било дефинирано како “време потребно за транзиција во стабилна, но функционално различна состојба на системот“, тимот направил серија моделарни компјутерски симулации коишто ја потврдиле оваа врска.

Наодот може да се објасни со тоа што поголемите екосистеми имаат повеќе подсистеми, со големо богатство на видови и живеалишта. Првично, овие потсистеми може да го ублажат стрес, но штом ќе помине одреден праг, овој голем биодиверзитет може да ја забрза пропаста.

Истражувањето може да помогне да се објасни брзото неконтролирано ширење на неодамнешните пожари во Австралија. Истовремено, тоа ја зголемува загриженоста околу последиците што допрва ќе се видат од овие пожари и оние во Амазонската прашума, колкава е отпорноста на овие огромни екосистеми на климатските промени. Авторите предупрадуваат дека прагот на оптоварување од којшто екосистемот на амазонската прашува веќе нема да може да се опорави и врати во нормала, може да биде досегнат уште следната година.

Клучни зборови: