Рубрика: Информатика
Oтстранети 600 апликации од Google Play кои корисниците ги бомбардирале со реклами
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 03.03.2020 - 11:30

Google отстрани 600 апликации од Google Play продавницата и им забрани на нивните програмери да ја користат платформата за монетизација на огласи Google AdMob и Google Ad Manager. Ова беше сторено откако се откри дека апликациите ги бомбардирале корисниците со реклами, со што ги прекршиле насоките на Google за огласи

Ова е кршење на правилата на Google кои се однесуваат на огласи. Појаснувајќи дека ваквиот начин на користење на платформата за огласи е измама и компанијата ги третира овие случаи мошне сериозно, Пер Бјорк од Google изјавил:

“Во Google имаме наменски тимови кои се фокусирани на откривање и спречување на злонамерни програмери кои се обидуваат да ги измамат мобилните екосистеми. Како дел од тие напори преземаме мерки против оние кои создаваат наизглед безопасни апликации, но кои ги кршат нашите насоки за огласи”.

Google не ги откри имињата на апликациите кои ги повлекол од Google Play продавницата, а кои пред повлекувањето биле инсталирани повеќе од 4,5 милиони пати. Но, се знае дека повеќето од нив дела на програмери од Кина, Хонг Конг, Сингапур и Индија. Истакнувајќи дека авторите на тие апликации се сè попаметни кога е во прашање примена и маскирање на досадни реклами, Google кажува дека тие развиле нови механизми за препознавање на такво однесување.

“Иритирачките огласи ги дефинираме како огласи кои на корисниците им се прикажуваат на неочекувани начини, вклучувајќи нарушување на функциите на уредот”, како што е, на пример, случај со огласот кој се прикажува преку цел екран додека корисниците се обидуваат да телефонираат. “Иако можат да се појават во апликацијата, еден облик на иритирачки огласи коишто сме виделе дека се во пораст се она што го нарекуваме “out-of-context” огласи, случаи кога злонамерни програмери испорачуваат огласи на мобилниот уред дури и кога корисникот не е активен во нивната апликација“ – рекол Бјорке.

Google има строга политика во поглед на малверите и на оптоварувачките огласи. Меѓутоа, Google истакнува дека само минатата година спречиле дистрибуција на 790 000 апликации кои ги кршат нивните насоки во Play продавницата. Компанијата исто така создала “Сојуз за одбрана од апликации“ во партнерство со компаниите ESET, Lookout и Zimperium, кој има цел да го намали ризикот од злонамерен софтвер, да ja идентификува заканата и да ги заштити корисниците на паметни телефони од оние кои имаат лоши намери.

Еден од начините да бидете сигурни дека апликацијата е безбедна за инсталирање е да ја проверите рецензијата од другите корисници од кои можете да дознаете дали апликацијата има некоја карактеристика која можете да ја откриете откако ќе ја инсталирате на вашиот уред.

Клучни зборови: