Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 28 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 28.02.2020 - 13:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

28.2.1552 – Роден е Јуст Бургиус

На денешен ден, роден е еден интересен гениј. Името му е Јуст Бургиус (Joost Burgius) и е работно ангажиран во средновековните дворци на кралевите во Касел и во Прага. Едноставно, бил гениј што се гледа и од описот на неговото работно место: часовничар (и произведувач и иноватор на часовници), произведувач на астрономски инструменти и математичар. Имал клучна улога во изработката на астрономските карти. Неговите часовници биле толку прецизни во своето време што се користеле како научни инструменти. Ги измислил логаритмите како работна алатка за своите астрономски пресметки, но долго време не го имал објавено овој свој изум. Во 1604 година стапил во служба на светиот римски цар Рудолф II, подарувајќи му го глобусот на светот. Работел за царскиот астроном Јохан Кеплер (Johann Kepler). Импресивна биографија, нема што. (Т. С.)

 

28.2.1929 – роден е Френк Гери

Френк Гери (Frank Gehry) е канадско-американски архитект и дизајнер чијшто оригинален скулпторски, честопати смел стил на изведби, го направи светски познат.

Како реакција на студениот и честопати едноличен модернистички стил, слично како и многу негови современици, Гери започнува да експериментира со необични експресивни форми, одбидувајќи се да најде сопствен израз.

Раните експерименти се мошне воочливи во реновациите направени на неговиот сопствен дом во Санта Моника, Калифорнија. Способноста на Гери да ги наруши очекувањата на набљудувачот за употреба на традиционални материјали и форми го смести во застапниците на деконструктивизмот во архитектурата, иако истовремено е поврзуван и со постмодернизмот.

Однесувајќи се кон секоја нова нарачка како кон “скулпторски предмет, просторен сад, простор исполнет со светлина и воздух“, во текот на 80 и 90 години од минатиот век, Гери добива порачки од целиот свет. Негови дела од овој период се Музејот и фабриката за мебел Витра во Вајл на Рајна, Германија (изградени 1987); Американскиот центар во Париз (граден 1988 – 1994); и Музејот на уметноста Фредерик Вајсман при Универзитетот во Минесота во Минеаполис, САД (изградба 1990 – 1993).

Репутацијата на Гери расте кон крајот на деведесеттите години од минатиот век. Во тоа време, неговиот стил подразбира брановидни објекти кои потсетуваат на скулптура со слободна форма. Оваа форма веројатно го достига својот зенит во неговата визија на  Гугенхајм музеот во Билбао, Шпанија, изграден во периодот од 1991 до 1997 година.

Повеќе од опусот на Гери може да видите тука (Н. С.)

 

28.2.1966 – FCC го носи актот за Право на приватност (FC)

Американското FCC (Federal Communications Commisions) треба да донесе пресуда за заштита на правата на американските граѓани. Тие го донесуваат актот за Право на приватност којшто ја опфаќа директната и индиректна употреба на радиоконтролирани уреди. Правото на приватност е елемент во повеќе правни традиции којшто ја ограничува можноста владините и приватните активности да ја загрозуваат приватноста на поединецот. Концептот на приватност ја користи теоријата на природните права и генерално одговара на новите технологии за информации и комуникација. Во Соединетите американски држави како прва експлицитна декларација за правото на приватност честопати се наведува написот “Правото на приватност“, објавен во Прегледникот на Харвардскиот правен универзитет,  со датум 15 декември 1890 година, а напишан од адвокатот Семјуел Д. Ворен и идниот врховен судија Луис Брандеис. (И. З.)

Клучни зборови:
Јуст Бургиус

Јуст Бургиус

Френк Гери и некои од неговите дела

Френк Гери и некои од неговите дела

Музејот Гугенхајм во Билбао е веројатно едно од најпознатите дела на Гери во Европа

Музејот Гугенхајм во Билбао е веројатно едно од најпознатите дела на Гери во Европа

Танцувачките згради Џинџер и Фред во Прага се уште едно дело на Френк Гери

Танцувачките згради Џинџер и Фред во Прага се уште едно дело на Френк Гери