Викендов го одбележа несреќата во којашто животот го загуби 64 годишниот авантурист, каскадер и рамноземјанин “Лудиот” Мајк Хјуз (“Mad” Mike Hughes). Мајк Хјуз на пошироката јавност и беше познат како самоградител на ракети со чијашто помош, евентуално, се надеваше дека ќе може да ја докаже тезата на рамноземјаните дека сите се наоѓаме на рамна плоча.
Хјуз претходно имаше едно успешно лансирање, во 2018 година, кога во ракетата на парен погон, што сам ја направи, ја достигна висината од речиси 600 метри. Слетувањето на оваа ракета во пустината Мохаве, 460 метри подалеку од местото на лансирање, беше доста тврдо, но Хјуз тогаш се извлече без сериозни повреди.
Тој и неговите истомисленици се надеваа дека новата ракета ќе му овозможи да ја досегне висината од над 1500 метри со цел да го привлечат вниманието на јавноста и да соберат доволно средства за градба на “ракетон”, летало коешто требаше да биде дел ракета а дел балон. Хјуз се надеваше дека со помош на “ракетонот” ќе може да ја досегне линијата Карман, договорената административна граница кадешто започнува вселената на висина од околу 100 километри од површината на Земјата. Тој очекуваше дека оваа висина ќе му овозможела да ја потврди тезата за Рамна Земја.
Повеќе за оваа намера може да се дознае од документарецот претставен минатата, 2019 година, Rocketman: Mad Mike's Mission to Prove the Flat-Earth, во којшто се појавува Мајк Хјуз.
Како што јавија од Science channel, лансирањето на Хјуз во саботата било снимано за потребите на нивниот серијал “Астронаути аматери” (Homemade astronauts), којшто требал да ги претстави неколкумина ракетари коишто со сопствени средства и труд се обидуваат да ја досегнат вселената.
Според очевидци, до несреќата веројатно дошло поради неисправно функционирање на падобранот од ракетата, којшто испаднал непосредно по лансирањето.