Рубрика: Астрономија и астронаутика
Скопско Астрономско Друштво со нов циклус предавања од астрономијата
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 21.02.2020 - 12:15

Со почеток од 17-ти март 2020 година, Скопско Астрономско Друштво го организира редовниот Воведен курс по астрономија. Предавањата се одлична можност да се запознаете со работата на друштвото и, доколку сакате, да им се придружите како членови.

Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните поими и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука. Астрономските термини и објекти ќе бидат претставени преку секојдневни примери, многу слики, анимации, неколку важни равенки и, секако, набљудувања со телескопи.
Предавањата ќе се одржуваат два пати неделно – вторник и четврток, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 20:00 часот.
Предвидени се 12 термини, а две од предавањата ќе бидат организирани надвор од училницата. Имено, предвидена е една посета на Планетариумот при Младинскиот Културен Центар во Скопје и едно теренско набљудување на ноќното небо. Предавањата ќе завршат на 21.04.2020, по што следи незадолжителен тест, а потоа и доделување на дипломи за учесниците.

Цената за целокупниот курс е 1500 денари. За студентите (со приложен индекс или студентска легитимација), учениците во средни и основни училишта и за членовите на Скопско астрономско друштво, цената на курсот е 1000 денари.

Повеќе информации околу курсот и пријавувањето може да најдете на www.astronomija.mk или на Фејсбук страната на друштвото и настанот.

Клучни зборови: