Самсунг им се извини на корисниците на своите паметни телефони поради предупредувањето што беше испратено по грешка од страна на апликацијата Find My Mobile. Предупредувањето ги наведе корисниците да поверуваат дека нивните уреди се хакирани.
Вчера, во раните утрински часови, илјадници корисници на мобилните уреди на Самсунг добиле предупредување од апликацијата Find My Mobile. Многумина од нив на се пожалиле дека предупредувањето ги разбудило, а голем дел од корисниците, пак, помислиле дека се хакирани. Во соопштението што го издаде, Samsung вели дека предупредувањето е испратено по грешка и тоа само на ограничен број на уреди. Илјадници збунети корисници на социјалните мрежи објавуваа слики од нивните екрани, прашувајќи се што тоа би можело да значи.
“Добив предупредување на мојот Note 8. Се уплашив, мислев дека некој ми го хакирал мојот Samsung и сега знае каде живеам“, напишал еден од кориснциите.
Уредите на кои се појавило ова предупредување имаат Android O, нова верзија на Андроид, присутна и на најновите Galaxy S телефони, новиот Z-Flip и некои од таблетите на Samsung.
Предупредувањето не содржело никаков осмислен текст, туку само две бројки, две единици, една под друга, а при избор на текстот не се случувало ништо. Самсунг објави дека предупредувањето било резултат на интерен тест и дека телефоните кои го примиле предупредувањето притоа не претрпеле никаква штета.