Рубрика: Биологија
Бионичката мачка со 3Д печатени титаниумски протези
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.02.2020 - 16:30

Димка во домашно опкружување

Повикувајќи се на два руски портала, интернет страницата Лајвсајанс ја пренесе веста за мачката којашто доби протетичка замена за сите четири нозе откако делови од нејзините морале да бидат ампутирани поради смрзнатини. Со помош на вградените импланти мачката може повторно нормално да оди, да трча, па дури и да качува по скали.

Мачката Димка (Дымка – магла на руски) е стара 4 години. Во декември 2018 година еден камионџија на поминување во Новокузнецк во Сибир ја пронашол мачката во наносите од снег. Мачката ја однел во клиника во Новобирск каде и биле констатирани сериозни смрзнатини на сите четири нозе, ушите и на опашот. Состојбата била толку сериозна што дел од нив морале да се ампутираат.

Како што пишуваат руските портали, во ветеринарната клиника во Новосибирск секое зимо се примаат пет до седум мачки со смрзнатини на нивните шепи, носот и на ушите. Смрзнатините настануваат при екстремно ниските температури кога незаштитената кожа и ткивата замрзнуваат поради изложеност, а најчесто се јавуваат на екстремитетите. Во сериозните случаи ткивото е толку оштетено што мора да се отстрани со ампутација.

Протезите за Димка биле изработени во соработка со Техничкиот универзитет во Томск. Научниците развиле и примениле облога од калциум-фосфат којашто помогнала 3Д испечатените титаниумски импланти да се вметнат и да се спојат со коските во нозете на мачката, а истовремено на овој начин бил намален и ризикот од инфекција и отфрлање на имплантот.

За прецизно моделирање на имплантите најнапред со компјутерска томографија биле направени снимки на нозете на Димка. Протезите на мачката и биле вградени во јули минатата година, најнапред на предните нозе а потоа и на задните. Веќе во декември на интернет е поставена снимка од прегледот на Димка, каде таа задоволно се тегне и си игра со работ од нејзиното кебенце.

Димка е втора мачка во светот којашто добила протетичка замена за сите четири нозе. Во 2016 година, на истата клиника во Новосибирск со сличен проблем бил примен мачорот Рижик (Рыжик – жолтко на руски). Состојбата на мачорот била таква што исто така му била извршена ампутација на сите четири нозе, по што му биле вградени импланти.

Мачката Димка со бионичките нозе повторно може да ужива во мачешките игри
Клучни зборови:
Димка во домашно опкружување

Димка во домашно опкружување

Димка и Рижик

Димка и Рижик