Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 4.2.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 04.02.2020 - 12:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

4.2.1923 – Се родил Кенет Томпсон

Се родил Кенет Томпсон (Kenneth Lane Thompson), кој заедно со Денис Ричи (Dennis Ritchie) го развија оперативниот систем UNIX во лабораториите на AT&T.

Оперативниот систем UNIX комбинираше голем број тајмшеринг и менаџмент опции достапни во Multics, од каде што потекнува и неговото име.

Колку за потсетување, Multics е проект од средината на 60-тите години на минатиот век и претставува прв обид за креирање оперативен систем кој ќе овозможи истовремена работа на повеќе корисници, како и истовремено извршување на повеќе разновидни операции/задачи (multitasking). (З. И.)

 

4.2.1906 Роден е Клајд Вилијам Томбо (Clyde William Tombaugh)

Клајд Томбо е американски астроном кој најмногу е познат по откривањето на планетата Плутон на 18 февруари 1930 година. Работејќи во опсерваторијата “Ловел“ во Аризона, Томбо забележал аномалија на една фотографија снимeна на 23 јануари 1930, споредено со друга неколку дена постара. Имено, на фотографијата можело да се види нешто налик на ѕвезда која ја сменила својата позиција за неколку денови. Со тоа конечно во пракса се потврди постоењето на планетата Плутон, чија локација декади наназад беше претпоставувана и теоретски пресметана. Покрај ова откритие, Клајд Томбо има откриено уште и неколку други кластери на ѕвезди и галаксии, а ја набљудувал и површината на Месечината, Марс, Венера, Јупитер и на Сатурн. Инаку, Плутон претставува единствена планета во Сончевиот систем откриена во 20 век и единствена откриена од Американец. Тоа што неколку децении подоцна го изгуби статусот на планета, сигурно не го намалува значењето на ова откритие. (Г. П.)

 

4.2.1957 – Првата атомска подморница го оправдува името

USS Nautilus (SSN-571) е првата оперативна подморница на нуклеарен (атомски) погон и прва којашто во 1958 година крстосувајќи под морето помина под Северниот Пол.

Изградбата на оваа подморница којашто го дели името со фиктивната подморница Наутилус од прочуениот роман на Жил Верн “20 000 лиги под морето”, започнала во 1952 година. Свеченото крштевање било направено во јануари 1954 година а на него присуствувала и тогашната прва дама на САД, Мами Ајзенхауер. Изградбата на подморницата е завршена следната 1955 година.

Нуклеарниот погон и овозможил да остане нурната многу подолго од дизелско-електричните подморници, така што во првите години сруши многу рекорди и крстосуваше на места кои претходно беа недостапни и надвор од границите на дејство на “обичните“ подморници. Токму на денешен ден во далечната 1957 година, “бројчаникот” на изминати милји на USS Nautilus се изедначи со должината на патот којшто ја измина фиктивната подморница Наутилус на Жил Верн, којашто исто така во романот минува под Северниот Пол.

Нуклеарната подморница Наутилус беше ставена вон оперативна работа во 1980 година, а прогласена е за национален историски споменик во 1982 година. Сочувана е како музејски експонат во Воената библиотека и музеј во Гротон (Конектикат). Подморницата денес ја посетуваат околу 250 000 туристи годишно. (Т. С.)

 

4.2.1902 – Роден е Чарлс Линдберг

Чарлс Линдберг (Charles Lindbergh) е еден од пионерите на воздухопловството. Овој амeрикански авијатичар, познат и по прекарот Самотниот Орел, е најпознат по тоа што го извел првиот самостоен лет без прекин преку Атлантикот. Летот бил изведен на 20 и 21 мај во 1927 година со авионот “Духот на Сент Луис“. Линдберг полетал од Њујорк и се спуштил во Париз, прелетувајќи 5 836 km за 33 часа и 32 минути, освојувајќи ја Ортиговата награда (Orteig Prize) наменета за првиот човек што ќе го прелета Атлантикот во еден лег. (Н. С.)

 

4.2.1941 Патентирана е супстанцијата Тефлон

Рој Планкет (Roy Plunkett) ја патентирал супстанцијата тетрафуороетиленски полимер позната како тефлон. Во амeриканското патентно биро овој патент е заведен под бројот 2 230 654.

Откритието било направено сосема случајно, при обидот да се пронајдат други видови на разладни супстанции. Материјалот со нелепливи својства во почетокот бил извонредно скап, па така првобитно тој бил користен само од страна на војската при производството на артилериски капсули, како и при производството на радиоактивни материјали. Но денес, со напредокот на технологијата на производство, работите се сосема поинакви и тефлонот наоѓа примена на многу места, од кујнските садови до ветробраните на автомобилите, како и во технологијата на правење жици.

Во 1946 година фабриката Дупонт (DuPont) го заштитува името Тефлон како трговска марка. (Н. С.)

Клучни зборови:
Кенет Томпсон

Кенет Томпсон

Американскиот астроном Клајд Томбо

Американскиот астроном Клајд Томбо

Првата подморница на нуклеарен погон – УСС Наутилус

Првата подморница на нуклеарен погон – УСС Наутилус

Чарлс Линдберг пред авионот Духот на Сент Луис

Чарлс Линдберг пред авионот Духот на Сент Луис

Супстанцијата тефлон

Супстанцијата тефлон