Според пишувањата на The Information, компанијата Facebook работи на развој на сопствен оперативен систем кој би можело да се намали поддршката на Google Android. Вака барем јавуваа повеќе портали од областа на техниката меѓу кои и Engadget.
Но и покрај тоа што новоста осамна на повеќе портали, сепак информациите на оваа тема се мошне ограничени. Она што се знае е дека за развојот на оперативниот систем е ангажиран Марк Луцовски, ветеран од Мајкрософт, којшто е еден од авторите на оперативниот систем Windows NT. Она што се знае е дека промената е поттикната од уредите на Фејсбук – Окулус и Портал, коишто во моментов функционираат со помош на изменета верзија на Андроид. Имено, Ендру Босворт, кошто е одговорен за хардверскиот развој во Фејсбук, неодамна изјави дека компанијата не може да се потпира на пазарот и на конкуренцијата, па би сакале хардверската поддшка да ја обезбедат сами, на сличен начин како што тоа го прави Apple. Фејсбук не сака неговиот хардвер да бидат на милост и немилост на Гугл затоа што се потпираат на неговиот оперативен систем Android. Но засега, апликациите за паметни телефони на Фејсбук остануваат да функционираат на Android.
Треба да споменеме дека последниот обид на Фејсбук за развој на сопствен оперативен систем не помина баш најдобро. Во 2013 година беше лансирана посебна верзија на Андроид со Facebook Home кориснички интерфејс којашто функционираше на еден од телефоните произведени од страна на HTC. Но, идејата многу бргу беше напуштена по критиките од корисниците коишто имаа мноштво замерки за функционалноста на галеријата со фотографии и за чет апликациите.
Преминувајќи на сопствен оперативен систем, Фејсбук би добил поголема слобода за подобрување и дотерување на социјалната интеракција, а тука се надеваме и на приватноста, во своите уреди. Исто така, овој потег би спречил несогласувањата помеѓу Google и Facebook да ги нарушат насоките за развој на неговите гаџети. Како што Фејсбук откри за TechCrunch, фокусот на развојот во моментов е сконцентриран на потребите за поддршка на неговите AR очила. Во моментов во ФБ ги истражуваат сите опции, вклучувајќи и потенцијално партнерство со други компании но и создавање на сопствен оперативен систем наменет специјално уредите за подобрена реалност (augmented reality).
Фејсбук развива и говорен асистент, налик на Сири и Алекса. Компанијата контактирала и со Мајкрософт за добивање на дозвола за користење на податоците од нивниот пребарувач Бинг за обука на асистентот.
Се очекува голем дел од развојот на оперативниот систем и гаџетите да се одвива во новиот кампус на Фејсбук, којшто се гради на површина од 770 000 метри квадратни во Бурлингем, Калифорнија.