Ви текнува на сценаријата на приказните од детството? Девојката или момчето се мачи со некаков огромен проблем, а мудрата старица ги советува: “Легни си сине, не се думај премногу, зошто утрото е поумно од вечерта". Овој совет добива и своја научна поткрепа...
Имено, едно истражување открива дека мозокот во текот на ноќта ги обработува дневните дилеми и затоа честопати се случува утрото да се разбудиме со решение за некој проблем што претходниот ден ни создавал главоболки и ни наликувал на тешко решлив.
Научниците откриле дека сонувањето, односно РЕМ-фазата на спиење, е од клучно значење за справување со внатрешниот немир и со дилемите. Повеќе научни истражувања откриваат дека нашиот мозок ги обработува емоционалните искуства од претходниот ден во текот на сонот, ги реорганизира сеќавањата и ги зацврстува сеќавањата.
Во РЕМ-фазата на спиење нашите сеќавања повторно се активираат, се ставаат во перспектива, се поврзуваат и интегрираат, но во состојба во која стресните неврохемикалии благотворно се потиснати.
Научниот тим од Универзитетот Беркли проучувал 35 здрави возрасни лица кои биле поделени во две групи. Двапати на сите во растојание од 12 часа им биле прикажани 150 емоционални слики додека со магнетна резонанца им биле следени мозочните активности. Половина од испитаниците сликите ги гледале наутро и навечер, без спиење помеѓу двете прегледувања, додека другата половина ги гледала сликите навечер, па во утринските часови, по преспиената ноќ. Токму таа група испитаници која спиела по секое прегледување на сликите, на прикажаното реагирала помалку бурно и емотивно.
Едно друго истражување спроведено на Универзитетот Нортвестерн се занимавало токму со можноста за решавање на проблемите во текот на сонот. Непосредно пред спиење, навечер, научниот тим им задал низа логички проблеми на 57 лица коишто учествувале во истражувањето, при што приказот на секој проблем бил проследен со одреден звук. Додека учесниците во истражувањето спиеле, научниците ги репродуцирале звуците што биле поврзани со половина од проблемите. Звукот бил доволно гласен за да се слушне, но не толку јак за да го рабуди субјектот. Утредента, сите учесници во истражувањето можеле да решат повеќе проблеми отколку што тоа можеле да го направат вечерта. Истражувањето за првпат ја покажува можноста за насочување на сонот кон пронаоѓање на решение за проблемите што ни се чинеле нерешливи додека сме биле будни.
Научниците укажуваат дека техниката може да се примени за изнаоѓање на одговор на голем број проблеми што во дадениот момент ни се чини нерешлив.
Но, да не претеруваме со очекувањата, решавањето на некои од горливите проблеми на денешницата нема да се решат со еден добар сон, за нивно успешно надминување потребни се недели, месеци, па и повеќе години макотрпна работа, голем број истражувања и тестирања.