Речиси 40 години во континуитет еден посветен тим истражувачи и волонтери ги мери димензиите на илјадниците птици што во лет се удриле во стаклата од солитерите во Чикаго, Илиноис. По анализите на мерењата тимот забележал еден изненадувачки тренд.
Како што откриваат во нивниот труд објавен во Ecology Letters, се чини дека големината на птиците кај повеќе видови полека се намалува. Истражувачите ги анализирале податоците од повеќе од 70 000 примероци на птици собрани во периодот од 1978 до 2016 година. Споредбата открила дека птиците во просек изгубиле 2,6% од нивната маса, имале за 2,4% пократки нозе и за 1,3% подолги крилја.
Како што укажуваат истражувачите големината на животните можеби се намалува заради полесна регулација на телесната температура при потопли надворешни температури, но од друга страна може да се покаже и дека нивниот раст бил пореметен од топлината. Мистерија за научниците претставува и зголемувањето на опсегот на крилјата, но ова може да се припише на тоа што подолгите крилја значат и поефикасен лет.