Кога станува збор за криминалот поврзан со криптовалути, глобалните губитоци оваа година пораснале за над 150% во однос на минатата година. Ова го открива извештајот на компанијата CipherTrace којашто се занимава со форензика на блокчејнот. Во извештајот се нагласува дека штетата од криминалот поврзан со дигиталните валути изнесувала вртоглави 4,4 милијарди американски долари, само во првите девет месеци од оваа година, што е пораст од над 150% ако се има предвид дека во цела 2018 година била направена штета од “само” 1,7 милијарди долари.
Коментирaјќи ги добиените податоци за новинската агенција Ројтерс, главниот извршен директор на CipherTrace, Дејв Џиванс изјавил: “Овој пораст на кражбата на крипто-имот и на измамите покажува дека криминалците се прилагодуваат и целат кон поголеми износи. Малите напади честопати лесно се сузбиваат, но насочените напади се далеку попрофитабилни.”
Како што соопшти CipherTrace главните двигатели на порастот од штети оваа година биле две големи кражби. Најголем бил случајот со Понзи шемата која ја извела крипто-менувачницата PlusToken, измама која ги оштетила измамените за 2,9 милијарди долари. Втората по обем измама оваа година ги чинела клиентите 195 милиони долари, средства што биле изгубени во канадската крипто-менувачница QuadrigaCX по неочекуваната смрт на нејзиниот 30-годишен ко-основач и извршен директор, Гералд Котен, која со себе во гробот однел и крипто-клучевите за дигиталниот трезор.
“Дури и без двете најголеми кражби и измами, сè уште сме сведоци на многубројни злосторства од повеќе милиони“, рече Дејв Џиванс . “Има релативно конзистентно зголемување на криминалната активност од година во година и не очекуваме тоа да се промени преку ноќ“.
Тој додаде дека злосторствата вредни под 5 милиони долари честопати се непријавени, бидејќи размената и полициските тимови се фокусираат на поголемите по егзистенцијални закани за деловните субјекти.
CipherTrace објави дека во овој сектор биле пријавени само 15,5 милиони американски долари кражби и измами во третиот квартал, што е најниско ниво во последните две години. CipherTrace забележува и дека видот на криминал во крипто-секторот се префрлил од директна кражба на измами кои честопати ги вршат од инсајдери, што покажува дека безбедноста на размените станала построга па за криминалците е многу потешко да хакираат. Во извештајот, исто така се посочува дека од првите 120 глобални размени на крипто-размени, 65% имаат слаби побарувања за идентификација на клиентот, т.н. KYC requests (know-your-customer).