Неодамна, првиот бразилски авион (фабрички) Сааб Грипен Е, го направи првиот лет. Авионот, означен со 39-6001, полета од аеродромот на производителот Линкепинг (Linkőping) управуван од пилотот Ричард Јунберг.
Првиот лет на тукушто изработениот авион за Бразил траеше 65 минути, лет во којшто беа вклучени основните маневри, проверка и проценка на летот на различни висини и брзини. Секако, главна и основна цел на производителот беше да се провери и да се потврди дали авионот добро лета и се однесува во согласност со предвидената програма.
Според Хакан Буске: “Овој лет е пресвртница за големото партнерство меѓу Шведска и Бразил. За помалку од 5 години од потпишувањето на договорот, првиот бразилски Грипен го оствари својот прв лет.”
Бразилскиот Грипен кој полета неодамна ќе се користи во програмата за тест летање. Секако, има многу разлики, но главната разлика во споредба со претходните тест-авиони е таа што авионот со број 39-6001 се одликува со пилотска кабина (кокпит) со таканаречен широкопросторен дисплеј (WAD), два мали приказа од перспектива со главата надолу (SHDD) и нов Head Up дисплеј (HUD).
Всушност, подобрена е прегледноста на пилотот во сите правци, а со тоа и борбената подготвеност.
По летот, пилотот изјави: ”Летот беше беспрекорен, мирен, а авионот се однесуваше според очекувањата претходно проверени на симулатор. Овој лет исто така беше прв со широкопојасен екран во пилотската кабина, а јас сум среќен што очекувањата беа потврдени. “
“Грипен 39-6001 ќе се приклучи во заедничката програма за тестирање за идно проширување на тестирањето во лет, како и на тактичко и сензорско тестирање на системот”, истакна претставник на Сааб.
Инаку, во Бразил, авионите ќе бидат означени како Ф-39, ќе имаат регистарски број ФААБ 4100. Испораката на првиот борбен авион на ФАБ се очекува да се случи до крајот на 2019 година.
Според динамиката на производството постои можност во иднина да се произведува и во Бразил, во бразилска фабрика за авиони која е докажана во изработката на квалитетни авиони.
Кога веќе пишувам за Сааб, во кратки црти ќе наведам за каков авион се работи, особено што многу земји неодамна примени во НАТО како опција ја имаат набавката на борбени авиони од типот Сааб од Шведска и Ф-16 произведен во САД.
JAS Gripen (анг. Грифин) е повеќенаменски борбен авион од четвртата генерација, со можност за понатамошен развој (4+). Го произведува шведската компанија Сааб. Ознаката JAS ја нагласува повеќенаменската улога. Тоа се, всушност, почетните зборови Jaag , Attak, Spaning, што значи ловец, јуришник и извидувач.
Развиен е и се произведува како резултат на доследната шведска стратегија, повеќегодишната активност потпирајќи се на сопствен развој во производство на борбени авиони. И покрај одредени тешкотии, Швеѓаните не поткленаа на предизвиците до крајот и не само што обезбедија сопствен квалитетен авион, туку и го понудија на странскиот пазар. Грипен ги заменува постарите верзии Сааб 35 Дракен и Виген. Концепциски се определија за делта крило (триаголник ), проектирано со статичка стабилност, врз основа на примена на електрични команди на летот (анг. fly-by wire control systems). За погон е употребен двопроточен млазен мотор Volvo RM12, а постигнува максимална брзина соодветна на двојно поголема брзина од брзината на звукот. Подоцна авионот е модифициран според НАТО сатандардите, со можност за полнење гориво во воздух. Секако, стандардизиран е и во поглед на наоружувањето во согласност со НАТО стандардите.
Правејќи резиме, мој впечаток е дека бразилските воздухопловни сили избраа добра опција, особено што имаат технички можности да го произведуваат и да го сервисираат. Секако, при набавка на воена техника, а особено воздухоплови, најголем проблем се резервните делови и опремата. Со добра тактика и добро вооружување, особено ракети со голем дострел, ќе ги задоволат потребите за подолг период.