Рубрика: Информатика
Facebook со надоместок за учесниците во маркетинг истражувања
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 02.12.2019 - 10:45

Откако Facebook беше принуден да згасне две апликации што собираа голема количина податоци од корисниците во име на истражување на пазарот, компанијата подготви нова апликација со која ќе ги наградува корисниците кои доброволно ќе понудат релевантна повратна информација.

Новата апликација за истражување на пазарот, наречена Viewpoints, обезбедува награди и надомест на сите корисници во замена за пополнување на прашалник и за извршување на неколку задачи. Корисниците ќе можат да заработат до 600 долари  годишно, а парите ќе им бидат проследени по пат на PayPal услугата, штом ќе соберат одреден број на поени добиени со учество во програмите.

Деталните информации не се објавени,  но се знае дека некои награди немаат парична вредност. Оваа апликација Facebook ќе ја користи за многу повеќе од самото истражување. Од корисникот би можело да се побара да објавува некои содржини, да демонстрира производи или дури и да помогне за подобрување на технологијата на вештачка интелигенција. Подобрувањето на ВИ би се вршело преку едноставно снимање на говор, што би помогнало за унапредување на алгоритмите за препознавање на глас или, пак, преку означување на фотографии, со цел подобрување на препознавањето содржини во фотографиите.

Сè уште не е јасно какви сè други “задачи“ ќе бидат замолени да извршат корисниците на апликацијата и дали од нив ќе се собираат и податоци за нивните навики на сурфање или користење на апликацијата. Имено, во условите за користење на апликацијата е наведено дека таа може да собира податоци од телефонот на корисникот, кои вклучуваат и идентификување на апликацијата што тој ја користи за пребарување и читање интернет содржини, како и податоци за локацијата.

Клучни зборови: