Рубрика: Омнибус
Зошто ни треба класична гимназија?
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.11.2019 - 17:30

На 26 ноември, точно напладне, на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се одржи научна трибина под наслов “Зошто ни треба класична гимназија?“.

За неопходноста од постоење на класично гимназиско образование ќе говорат д-р Владимир Петрушевски, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и проректор за наука на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, д-р Ана Димишковска, редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Ирена Стефоска, пратеничка во собранието и доктор на историски науки, д-р Владимир Мартиновски, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и д-р Весна Димовска, редовен професор на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Модератор на трибината ќе биде д-р Весна Томовска, редовен професор на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје.

Трибината “Зошто ни треба класична гимназија?“ е дел од научноистражувачкиот проект “Утврдување на потребите и потенцијалите за обновување на класичната гимназија (како подготвително средно образование соодветно за идните студенти на студиските програми на Филозофскиот факултет)” во реализација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Проектот е мотивиран од идејата за покренување иницијатива за возобновување на класичната гимназија во образовниот систем на Македонија. Концептот на класично гимназиско образование, во кое класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот) се изучуваат континуирано во текот на сите четири години, а истовремено во зголемен обем се изучуваат и други хуманистички дисциплини поврзани со античкото наследство, европската култура и уметност, е препознаен како концепт, кој на учениците им дава темелно средно образование, но и одлично ги подготвува за продолжување на студии од која и да било општествено-хуманистичка област.

Во рамките на проектот веќе се реализирани предвидените проектни активности кои дадоа соодветни резултати во насока на утврдување на потенцијалите за обновување на класичната гимназија во Македонија.

1. Истражувањето на историјатот на постоење на класична гимназија во Македонија покажа дека таа била дел од образовниот систем во два наврати, од 1948 до 1965 и од 1976 до 1982. И во едниот и во другиот период наставата била организирана во гимназијата “Јосип Броз Тито“ како класична паралелка, посебен вид  гимназиско образование. Увидот во наставните планови покажува дека паралелно се изучувале и латинскиот и старогрчкиот јазик со 4 до 5 часови неделно во текот на сите четири години од средното образование.

2. Споредбената анализа на искуства и состојби со класичното образование на ниво на средно гимназиско образование во земји од опкружувањето и од Европа покажува дека во сите овие земји (Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Италија, Германија, Холандија, Обединетото Кралство, Швајцарија, Русија) има профил на класично-гимназиско образование во различен облик и со сродна структура. Во образовните системи на сите таргет земји постојат класични гимназии. Носечки/профилирачки предмети без исклучок се класичните јазици со содржини од античка книжевност, култура и цивилизација, застапени со најмалку 2, а најмногу 6 часови неделно. Со класичното образование се асоцирани и други предмети од областа на хуманистичките  науки.

3. Истражувањата на актуелната и важечка законска регулатива укажаа на можностите концептот на класично гимазиско образование во Македонија да биде интегриран во гимназиското образование како ново изборно подрачје или како одделен подвид на гимназија – Класична гимназија – според моделот на Математичката гимназија.

4. Истражувањата на капацитетите за реализација на иницијативата за обновување на класичната гимназија во Македонија покажаа дека државата располага со сите неопходни капацитети: кадровски капацитети, просторни и материјално-технички ресурси и наставни ресурси. Со оглед на тоа што латинскиот и старогрчкиот јазик се веќе застапени во наставните планови за гимназиско образование, поголемиот дел од училиштата веќе располагаат со кадровски капацитети кои би можеле да реализираат дел од наставата по латински и старогрчки јазик.

Од Трибината се очекува да ја збогати и да ја зајакне аргументацијата на иницијативата за возобновување на класичната гимназија во образовниот систем на Македонија како подготвително средно образование соодветно за идните студенти на студиските програми на Филозофскиот факултет во Скопје како институција која во најголем обем ги интегрира општествените и хуманистички науки.

Клучни зборови: