Неодамна Гугл ги престави новите можности што беа додадени во апликацијата Google Maps. Новината практично претставува спојување на можностите на Google Translate со навигациската апликација на Гугл.
Доколку патувате во земји кадешто не го знаете локалниот јазик, сега Google Maps ќе ви овозможи помош при снаоѓањето во навигацијата на непознатиот простор преку автоматско читање на локалните називи и адреси на начин на којшто ги изговара локалното население.
Google Maps ќе ви ги покаже најважните информации за посакуваната локација, а со допир на симболот за звук ќе се вклучи опцијата за гласовно изговарање на името на местото, односно на адресата.
Апликацијата најмногу би била од корист во земјите каде што таксистите слабо зборуваат, ако воопшто и зборуваат некој од странските јазици што ги знае туристот. Функцијата е планирано да се активира автоматски веднаш кога корисникот ќе допатува на избраната дестинација, а ова ќе го направи преку препознавање на локацијата кадешто тој се наоѓа, по што ќе го приспособи јазикот и изговорот.
Најавите велат дека апликацијата, со поддршка за околу 50 јазици, ќе стане достапна за уредите на iOS и Android во следните неколку недели.