Рубрика: Аеронаутика
“Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ” во е-продавницата на ЕМИТЕР
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.11.2019 - 15:30

Книгата “Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“, којашто беше промовирана кон крајот на минатиот месец од оваа недела е пуштена во продажба во е-продавницата на ЕМИТЕР.

Се работи за едно ретко, уникатно и, би рекле, историско претставување на воздухопловните кариери на таткото Александар и синот Владимир Трајковиќ, а преку нив и на развојот на воздухопловството на овие простори, книга што претставува своевидна документарна љубовна приказна помеѓу едно семејство и воздухопловството, во којашто се споменуваат и се преплетуваат активностите на повеќе доајени од македонското воздухопловство – Аки Ибраимовски, Димитар Георгиевски – Жути, Ристо Манчев, Илија Миловановски, Љупчо Ружиновски...

Книгата ги следи првите чекори на Александар Трајковиќ во авијацијата, неговата кариера пред војната, во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, основањето семејство, воените години поминати во Египет, враќањето во Југославија, односно во Македонија, повоениот период и ангажираноста на Трајковиќ во аероклубот, со кус приказ за случувањата од овие периоди илустрирани со мноштво лични сведоштва во форма на кореспонденции и фотографии. Книгата потоа го следи природниот тек на нештата – процутот на љубовта кон авијацијата што таткото ја пренел на двајца од своите синови, Владо и Душко. Од тој момент книгата го следи животниот пат на Владо – се бележи неговото учество во основањето и во работата на повеќе аероклубови во Македонија, настапите и успесите во младинската падобранска екипа на Македонија, запливувањето во водите на едриличарството и неговото професионално насочување и кариера подоцна како пилот.

Автор на оваа своевидна воздухопловна сага, којашто обработува период од речиси 100 години, е Ѓорги Чачкиров, сообраќаен инженер – професионален пилот и наставник за основна обука на моделари и пилоти на авион. Со “Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“, тој навлегува во истражувачка активност која во фокусот става досега неоткриени артефакти, документи и избледени фотографии, претставени преку приказната за таткото и синот Трајковиќ.

Книгата претставува прво дело од ваков вид, кое ја надополнува приказната за македонската воздухопловна историја.

Ограничен број примероци од книгата се достапни и во нашата е-продавница (тука) по цена од 1500 денари.

Клучни зборови: