Нешто интересно се случи кога еден брачен пар неодамна ги спореди нивните лимити за трошење на картичката на Епл. Еден истакнат софтверски инженер твитна дека кредитната картичка од Apple ги дискриминира жените кои аплицираат за кредит.
Дејвид Хајнмaер Хeнсон сподели на Твитер дека иако неговата сопруга Џејми Хeнсон има подобар кредитен резултат и низа други фактори што работат во нејзина корист, нејзината апликација за зголемување на кредитната линија била одбиена.
Хeнсон, инаку истакнат софтверски инженер, се прашува како неговата кредитна линија може да биде 20 пати поголема, означувајќи ја Apple Card како “сексистичка програма“. Картичката која произлезе од партнерството помеѓу Епл и Голдман Сакс, дебитираше во САД во август.
“Жена ми и јас поднесовме заедничка даночна пријава, живееме на имот што е во сопственост на заедницата и сме во брак долго време. Сепак, алгоритмот на црната кутија на Apple смета дека заслужувам 20 пати поголем кредитен лимит од нејзиниот.” – напиша Хенсон на Твитер во четвртокот
Твитовите на Хенсон го привлекоа вниманието на повеќе од 350000 следбеници.
Тие допреле и до државните регулатори во Њујорк, кои во саботата најавиле дека ќе го испитаат алгоритмот што Apple card го користи за утврдување на кредитната способност на апликантите.
Алгоритмите претставуваат код или збир на упатства што компјутерите, машините за пребарување и апликациите за паметни телефони ги користат за извршување на зададените задачи, од нарачка и испорака на храна до навигација при возењето и да, во споменатиов случај, за аплицирање за кредит. Дискриминаторскиот третман на жените или било која друга граѓанска категорија е казниво дело во САД. Па, така сега критериумите што ги користи картичката на Епл се најдоа под лупа на локалниот Оддел за финансии на државата Њујорк во САД.
Искуството на Хенсонови со Apple Card се чини дека не е изолиран случај.
Стив Возниак, кој заедно со Стив Џобс го создаде Епл-1 и којшто е еден од основачите на технолошкиот гигант Епл, одговори на твитот на г. Хeнсон споделувајќи го неговото слично искуство.
”Истата работа ни се случи и нам“, пишува Возниак. “Добив 10 пати поголем кредитен лимит. Немаме одделни банкарски сметки или кредитни картички или различни добра. Сепак, тешко е да контактира со човек за да се коригира исходот. Тоа ти е високата технологија во 2019 година.“
Според веб-страницата на Apple card за поддршка на клиентите, Голдман Сакс ги проверува кредитната историја и висината на приходот на апликантот за да ја утврди неговата кредитна способност. Во условите се наведува дека долговите од некоја поранешна сметка, постоењето на сметка затворена од банка поради пречекорување, заложни обврски или медицински долгови, може негативно да влијаат на апликациите.
Портпаролката на Епл го прозва портпаролот на Голдман Сакс, Ендру Вилијамс, да одговори на обвинувањата, а тој рече дека компанијата не може јавно да коментира за одделни клиенти.
“Нашите кредитни решенија се засноваат на кредибилитетот на клиентот, а не на фактори како што се пол, раса, возраст, сексуална ориентација или која било друга основа забранета со закон“, рече Вилијамс.