Рубрика: Биологија
Собните билки сепак не го подобруваат квалитетот на воздухот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.11.2019 - 09:45

Изгледаат убаво, но што всушност постигнуваат? Идејата дека собните билки покрај естетската имаат и еколошка вредност е мошне преценета, тврдат инженерите Мајкл Воринг и Брајан Камингс од Универзитетот Дрексел во САД.

Тие ставиле под лупа десетици истражувања направени во текот на последниве три децении и заклучиле дека собните растенија реално не го подобруваат квалитетот на воздухот во домовите и во канцелариите. Причината за ова е тоа што природната (преку прозор) или вентилациската размена на воздухот во просториите ги разредуваат концентрациите штетни органски соединенија многу побрзо од стапката со којашто растенијата можат истите да ги извлечат од воздухот.

Во Journal of Exposure Science and Environmental Epidemiology Воринг и Камингс укажуваат дека митот за растенијата како прочистувачи на воздухот започнал во 1989 година, кога НАСА, барајќи начини за прочистување на воздухот на вселенските станици, посочила дека растенијата може да се користат за отстранување на канцерогените хемикалии од воздухот. Но, проблемот е во тоа што нивниот експеримент, како и некои други што уследиле подоцна, биле спроведени во запечатена комора во лабораториски услови, а податоците не беа толкувани на начин којшто соодветствува на реалните услови од секојдневието на секој од нас (просторија во зграда).

Нивниот извештај ги обработува податоците од голем број истражувања во врска со собните билки,  за да се добие  еден нов битен фактор за пресметка, којшто тие го нарекуваат “стапка на испорачан чист воздух“, во оригинал "clean air delivery rate" или CADR. Тие велат дека тие ја направиле оваа пресметка за речиси секое од истражувањата што биле ставени под лупа. Притоа откриле дека во сите случаи дека стапката со којашто растенијата ги нутрализираат канцерогените хемикалии од воздухот во комората била за неколку реда величина помала од стандардната стапка на размена на воздухот во една зграда при вентилирање и проветрување.

CADR факторот претставува стандардна метрика којашто се користи во научните истражувања за влијанието на прочистувачите на воздух во затворен систем (средина), но многумина од истражувачите  кои ги спроведуваат овие истражувања не ги посматрале од гледна точка на еколошкото инженерство и не го разбрале начинот на којшто стапката на размената на воздухот во една зграда влијае врз ефектот што го имаат собните растенијата во поглед на подобрување на квалитетот на воздухот во затворен простор“, вели Воринг.

Многу од овие истражувања покажале опаѓање на концентрацијата на канцерогени материи со текот на времето, но според новите пресметки на двајцата инженери, би биле потребни меѓу 10 и 1000 собни растенија на метар квадратен затворен простор за нивниот ефект на прочистување на воздухот да се изедначи или да го надмине оној на системите за вентилација во зградата, па дури и со ефектот што го имаат неколку отворени пенџериња во домот.

Клучни зборови: