Рубрика: Информатика
Република Кина го донесе првиот “крипто закон“
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 08.11.2019 - 12:00

Кина го воведува првиот “крипто закон“ во светот којшто ќе ги регулира криптографијата и управувањето со лозинки. Овој закон, којшто беше донесен од одборот на 13. Национален народен конгрес, треба да стапи во сила на 1. јануари 2020 година.

Новата законска рамка има за цел да се поставуват стандардите за примена на криптографијата и управувањето со лозинки. Имено, со него се утврдува улогата на централната криптографска агенција којашто треба да ги води јавните криптографски работи, создавајќи насоки и политики за оваа индустрија.

Нацрт-законот веќе беше објавен во месец мај, во еден кинески весник. Текстот е фокусиран на владиното централизирано управување со лозинките и во него директно не се споменати криптовалутите, иако се фокусира на криптографијата, којашто е клучната компонента врз којашто се засновани криптовалутите, како биткоин.

Според американската инвеститорка Дови Вен, новиот закон ги поставува основите за идната национална кинеска криптовалута, иако сè уште нема службен датум за тоа кога таа треба да биде лансирана.

Во оваа насока, кинескиот претседател Џинпинг ја повикал земјата на побрзо усвојување на блокчејн-технологијата, истакнувајќи ја важноста за примена на интегрирана блокчејн-технологија како клуч за напредокот на технолошките иновации и за трансформирање на индустријата.

Мораме да ја сфатиме блокчејн-технологијата како важен напредок кон независната иновација на основните технологии, да ги кристализираме главните насоки на развој, да ги зголемиме вложувањата, да се фокусираме на многубројните клучни технологии и да го забрзаме развојот на блокчејн и на индустриските иновации“, изјавил кинескиот претседател.

Американската инвеститорка Дови Вен изјави дека клучниот потег е развојот на нова криптографија, на хешинг алгоритмите, дури и употребата на технологија којашто ќе биде применета во службената правна сфера. Тоа значи дека мора да се следат стандардите при сите енкрипции, во коишто спаѓа и “копањето” криптовалути.

Клучни зборови: