Рубрика: Информатика
The Strange Story Of Brian Fisher – нова македонска игра на Steam
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.11.2019 - 12:00

По играта “Wounded“, уште една македонска игра го наоѓа своето место на најпознатата светска платформа за игри Steam. Се работи за возбудливата 3D видео игра, The Strange Story Of Brian Fisher на македонското гејминг студио Intetic.

Приказната е за детективот Брајан Фишер, кој е во потрага по неговиот исчезнат татко, а неговата животна мисија е да го пронајде жив. Таткото на Брајан е научник кој исчезнува под сомнителни околности, непосредно пред да го претстави неговото откритие коешто е од огромна важност за човештвото. Брајан го посветува својот живот да открие зошто и како исчезнал неговиот татко. Прогонуван од непознат човек, кој сака да го украде откритието од неговиот татко за да владее со светот, Брајан го претставува клучот за ова откритие. Заробен е на место од кое очајно се обидува да избега, користејќи ја својата креативност, својот ум, алатките што може да ги најде и обуката од неговиот татко. Целата приказна во играта е раскажана од Брајан.

Се работи за игра каде решавањето на мистеријата ќе ја подигне вашата креативност, ќе го ангажира вашиот ум и ќе ве натера да размислувате надвор од границите на нормалното.

Од Intetic најавуваат дека првото поглавје од играта, The Strange Story Of Brian Fisher – Chapter 1, ќе стане достапно на Steam во првиот квартал од 2020 година. Планирано е играта да има вкупно седум поглавја.

Минатата недела Intetic го објави и првиот трејлер, кој навистина изгледа одлично од визуелен и музички аспект, приближувајќи се со квалитет до познатите светски брендови.

Повеќе информации за играта може да добиете на веб-страната на Intetic (тука)

Трејлерот за играта може да го проследите подолу

Клучни зборови: