Кој раснел во осумдесетите години на минатиот век сигурно се сеќава на серијата “Соколите од планетата Земја” каде Соколите и нивните роботи Зероиди се борат против вселенската инвазија на Зелда и нејзидните роботи коцки. Е па, се чини дека некому му текнало дека коцката и не е така лоша форма за модуларен робот од којшто ќе се бара да формира повеќе структури. И ги засукал ракавите...
Крајниот резултат го претставуваат модуларните самотрансформирачки роботски коцки што можат да скокаат, вртат, превртуваат, па дури и да се “препознаат” едни со други со помош на своевиден бар-код систем, нешто налик на коцките на Зелда :)
Коцките на Зелда од популарната НФ серија за деца "Соколите од планетата Земја"
Како што посочуваат развојните инженери од МИТ коишто стојат за овој проект, роботите претставуваат чекор нанапред во развојот на роботи со способност да размислуваат и да се координираат како рој / јато, а нивната способност самите да формираат различни структури може да најде примена во повеќе области – како помош при катастрофи, во здравствената заштита и, секако, во производството.
Трудот треба да биде претставен на Меѓународната конференција за интелигентни роботи и системи којашто ќе се одржи оваа недела во Макао.
Џон Романишин, водечкиот автор на трудот, коментирајќи го пристапот вели “Уникатноста на нашиот пристап се состои во тоа што е поевтино, поздраво и потенцијално полесно да се преслика во милион модули“.
Во моментов има 16 различни роботи-коцки. Секој од нив има замаец што се движи со брзина од 20000 вртежи во минута, а роботите се движат користејќи го аголниот момент што се создава при кочење на замаецот. На секој раб и на секоја страна од коцката се сместени постојани магнети коишто овозможуваат прикачување на кои било две коцки од “јатото”.
Подолу на видеото може да ги погледнете роботите во акција
а ако сакате да се потсетите како изгледаше серијалот “Соколите од планетата Земја” следете го следниов линк што ќе ве однесе до плеј-листа на којашто се спакувани речиси 200 епизоди од оваа серија.