Со помош на адаптивната оптика на инструментот SPHERE на телескопот VLT (Very Large Telescope) при Јужната европска опсерваторија во Чиле, астрономите откриле дека астероидот Хигија може да се класифицира како џуџеста планета. Објектот, лоциран во астероидниот појас, е четвртиот по големина астероид по Церес, Веста и Палас. За првпат, астрономите биле во можност да ја набљудуваат Хигија во доволно висока резолуција којашто овозможува поблиско проучување на нејзината површина и утврдување на нејзината форма и големина. Набљудувањата откриваат дека Хигија има сферна форма, што би можело да ја класифицира како џуџеста планета. Ако ова се случи, титулата на најмала џуџеста планета во Сончевиот систем веќе нема да му припаѓа на Церес.
Како објект во главниот астероиден појас, Хигија од старт задоволува три од четирите карактеристики потребни за телото да биде класифицирано како џуџеста планета – телото орбитира околу Сонцето, не е месечина и за разлика од “нормалните” планети, не го “чисти” соседството околу нејзината орбита, а конечно, има и доволно маса за сопственото тело да го обликува во приближно сферична форма. Токму ова последново беше откриено при неодамнешните набљудувања направени со ВЛТ.
Тимот ги искористи набљудувањата направени со инструментот SPHERE за да ја одредат големината на Хигија. Било утврдено дека нејзиниот пречник изнесува нешто повеќе од 430 km. Плутон, најпознатата од џуџестите планети, има дијаметар од приближно 2400 km, додека пречникот на Церес изнесува околу 950 km.
Изненадувачки, набудувањата откриваат и дека на Хигија отсуствуваат траги од удари на поголеми астероиди, коишто би оставиле видливо големи ударни кратери.
Имено, Хигија му припаѓа на едно од најголемите астероидни семејства, кое брои близу 7000 члена, а кои потекнуваат од исто матично тело. Астрономите очекувале дека настанот што довел до формирање на ова многубројно семејство ќе остави голем, длабок белег на површината на Хигија.
Користејќи нумерички симулации, тимот заклучил дека сферичната форма на Хигија и големото семејство астероиди, најверојатно се резултат од голем директен судир со голем проектил чијшто дијаметар изнесувал некаде помеѓу 75 и 150 km. Нивните симулации покажaле дека матичното тело било потполно уништено при овој судир, за којшто се смета дека се случил пред околу 2 милијарди години. Со текот на времето, материјата што останала по судирот одново се групирала, формирајќи ја Хигија и илјадниците придружни астероиди.
Деталното проучување на астероидите е овозможено не само благодарение на напредокот во нумеричката пресметка, туку и на помоќните телескопи.
Извештајот од набљудувањата беше објавен неодамна, во Nature Astronomy.