Рубрика: Информатика
Денеска е Светски ден на Интернетот
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 29.10.2019 - 13:15

Денес, на 29-ти октомври, се одбележува Светскиот ден на Интернетот. Токму на денешен ден, во далечната 1969 година е испратена првата електронска порака од Универзитетот во Калифорнија.

Првата електронска порака е испратена од еден на друг компјутер во 22 часот и 30 минути, во лабораторијата на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес. Професорот по информатика Леонард Клајнрок го надгледувал апсолвентот Чарли Клајн, кој ја испратил пораката преку компјутерската мрежа до програмерот Бил Дувал. Пораката можеби не е инспиративна или премногу мисловна, но таа е многу значајна. Клај ги отчукал само буквите “L” и “О“, а Дувал ја примил пораката пред да се сруши системот.

“Сакавме да испративме едноставен збор – “login“ – до Истражувачкиот инситут на Стенфорд”, се сеќава Клајнрок. Пораката која се состоела од само еден збор –“login“, била испратена во целост по еден час. Со тој чин е зачнат ARPANET (Research Projects Agency Network) и мрежата од која понатаму ќе произлезе интернетот.

Иако првото испраќање на пораката пропаднало поради пад на системот, сепак, на Самитот за информациско општество, одржан во Тунис 2005 година, на предлог на Асоцијацијата на Интернет корисници,  29 октомври, денот кога била испратена првата електронска порака, бил утврден како Меѓународен ден на Интернетот.

Инаку, интернетот како глобална мрежа се одбележува на уште еден датум – 30 април, денот кога CERN ја испорача бесплатната и достапна World Wide Web (www) технологија.

Клучни зборови: