Аеродромот “Скандинавски планини“, што треба да се отвори во декември, ќе биде еден од првите во светот што ќе се гради без кула за контрола на воздушниот сообраќај. Тој е замислен како порта што ќе ги поврзува зимските туристи од светот со најголемите скијачки центри на Шведска. Контролната кула вообичаено е “срцето” на сите аеродромски операции, поради тоа што во неа е сместена службата за контролата на летање, чијашто задача е да го координира воздушниот сообраќај во рамките на аеродромот и пошироко.
Наместо стандардната кула, аеродромот ќе добие оддалечен, односно “виртуелен“ систем за контрола на воздушниот сообраќај, управуван од контролори сместени во градот Сундсвал, оддалечен околу 300 километри од аеродромот. Со помош на низа камери и специјални сензори поставени на аеродромот, контролорите ќе ги добиваат сите потребни податоци за управување со воздушниот сообраќај и ќе даваат упатства за безбедно летање.
Центарот Сундсвал веќе е одговорен за контрола на летовите на малиот аеродром Ернскелдвик во северна Шведска, како и за безбедноста на летовите од блискиот аеродром Сундсвал-Тимра. Овие аеродроми ги “затворија” своите кули пред околу три години, префрлувајќи ја надлежноста на оваа работа во Сундсвал, каде што операторите преку ХД-екрани на видео-ѕидовите имаат преглед од 360 степени на аеродромите и на нивното непосредно опкружување.
Ваквите капацитети во последно време стануваат вообичаени за помалите аеродроми, со мал обем на авиосообраќај. Како што неодамна објави The Economist, најавено е дека 15 аеродроми во Норвешка ќе ги затворат своите кули и ќе ја префрлат контролата на летовите во вакви виртуелни центри. Тие исто така јавија дека повеќе аеродроми во Европа, САД и во Австралија веќе тестираат префрлување на работата во вакви оддалечени контролни кули, а The Telegraph јави дека дури и еден од лондонските меѓународни аеродроми, аеродромот Лондон Сити, префрлил некои делови од работата на службата за контрола на летање во центарот сместен во близина на Саутхемптон, оддалечен околу 100 километри од аеродромот. Ова е прв аеродром во Велика Британија што направил ваков потег. Плановите за овој аеродром велат дека до 2020 година, целокупната работа на контролната кула и сите нејзини функции ќе бидат префрлени во надлежност на 50-метарската кула на Националната служба за услуги во воздушниот сообраќај (National Air Traffic Services – NATS) во Хемпшир, којашто е првата кула за далечинско дигитално контролирање на воздушниот сообраќај во Велика Британија.
Според експертите, технологијата на далечинска контролна кула е безбедна и добро тестирана и ќе им понуди на контролорите уште повеќе податоци за нивната работа, а истовремено ќе им овозможи на аеродромите контрола на летовите од каде било во светот.