Фотографијата во прилог е направена од екипажот на Меѓународната вселенска станица (МВС). На неа јасно се гледаат светлинските контури на Пиринејскиот Полуостров, давајќи јасна ноќна слика за населеноста на Шпанија и Португалија.
Градските светла, кои честопати се посветли од sвездите, откриваат каде се сместени најголемите градови, при што на фотографијата најзабележлива светла точка претставува Мадрид, сместен во центарот на сликата.
Истражувачите се надеваат да ги искористат ваквите ноќни “портрети” на Земјата за справување со занемарениот проблем на светлинското загадување, а зошто да не и за мало ‘придушување’ на градските светла.
Астронаутите честопати ја фотографираат Земјата од прозорецот МВС, но многу од овие фотографии остануваат неискористени. Проектот "Изгубени во ноќта" (Lost at Night) има за цел да го промени тоа. Тука стапувате вие. Проектот работи со користење на граѓанската научна самоиницијатива, а поимот граѓанин тука се зема во поширока смисла – како граѓанин на планетата Земја. Научниците се надеваат дека со ваша, односно наша помош ќе успеат да ги идентификуваат направените фотографии со локациите на Земјата.
Сигурно се прашувате зошто тука не се употреби некој компјутерски алгоритам и да и се остави на вештачката интелигенција да ја заврши оваа макотрпна работа? Па, се чини дека човечкиот “фат” е сè уште незаменлив. Како што истакнува водечкиот истражувач на проектот, Алехандро Санчез де Мигел: “Додека компјутерските алгоритми имаат проблеми да направат разлика помеѓу приказот на ѕвездите, Месечината и градовите, луѓето се посигурни кога станува збор за препознавање на обрасците и анализирање на сложените слики“.
По спарувањето на сликата со локација на Земјата, истражувачите ќе можат да ги употребат овие информации за да го испитаат светлинското загадување и како тоа влијае врз нас и врз другите организми.
Значи, ако имате слободно време и сакате да го исполните со некоја корисна занимација, или едноставно посакувате да може да се пофалите дека сте учествувале во некој научен проект, не губете време, одете на lostatnight.org , следете ги упатствата, и можете да дадете ваш придонес кон ова интересно и значајно истражување.