Научниците произведоа облека која звукот го претвора во вибрации, овозможувајќи им на луѓето со оштетен слух да ја доживеат музиката низ чувството за допир.
Паметната облека, наречена Sound Shirt, односно Звучна кошула, им овозможува на глувите луѓе да ја почуствуваат музиката на нивната кожа. Ова е постигнато на тој начин што музиката во реално време се преведува во податоци коишто се лесно читливи за шеснаесетте микроактиватори вградени во ткаенината на облеката.
Основачот и креативен уредник на компанијата Cutecircuit, Франческа Росела, објаснува дека: „Се работи за “Звучна кошула“, којашто на глувите луѓе им овозможува да ја почувствуваат музиката низ сетилото за допир. Замислете дека присуствувате на изведба на некој симфониски оркестар и ја носите оваа кошула. Ќе почувствувате различни инструменти на различни делови на вашето тело“. Благодарејќи на оваа облека, виолините можат да се почувствуваат на рацете, тапаните на грбот, при што на лицата-посетители на концертот со оштетен слух им овозможува импресивно доживување. Франческа додава: „Во внатрешноста на кошулата нема жици. Користиме само паметни ткаенини, односно комбинација од микроелектроника и многу тенки, флексибилни и спроводливи ткаенини. Сè е поврзано, така што облеката е мека и растеглива.“
Меѓу првите тестери на оваа иновација се две близначки од Лондон, Хермон и Хирода, кои слухот го изгубиле во младоста, но благодарение на оваа технологија можат да уживаат во ноќните излегувања и да играат на музиката.
Хермон Берхејн, вели дека: “Можете да ја почуствувате музиката во длабочина. Чувствуваме како можеме да се движиме заедно со неа. Тоа е сосема друго чувство.” И оцените од Хирода Берхејн се подеднакво позитивни – “Мислам дека овој изум потполно ќе ни го промени животот.”
Сензорите за секој инструмент се сместени на различни места вградени во кошулата. Компјутерот со безжичен пренос ја анализира музиката и ја претвора во осет за допир што го емитува кошулата.
Музичката кошула, што ќе се појави на пазарот ќе има и апликација која на корисниците ќе им овозможи контрола врз сензорите. Но, кошулата нема да биде евтина, засега предвидената цена за една ваква кошула е околу 4000 евра.