Рубрика: Екологија
Со фотоволтаици во борба против аерозагадувањето и енергетската сиромаштија
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.09.2019 - 15:45

Ви ги пренесуваме погледите на Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. за надминување на проблемот на аерозагадувањето во урбаните средини преку истовремено решавање на проблемот на енергетската сиромаштија.

Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 г. во Македонија околу 3 000 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички (ПМ10 и ПМ2.5). Овој поразителен број е просекот за нашата земја во последните години. Истовремено приближно 400 000 наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија. Иако не постои безбедно ниво на загаденост, со намалување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 до стандардот на ЕУ би се избегнале повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.

 

Скопје е прв на листите по загаденост на воздухот во Европа, но не се далеку ни високоиндустријализираните зони како на пример Битола, Тетово, Кавадарци, Миладиновци. Неопходни се визионерски и солидарни решенија со кои институциите ќе ги заштитат граѓаните од загадувањето, но ќе бидат и подадена рака за оние кои тонат во сиромаштија и немаат основни услови за живот. Потребни ни се коренити промени во системот и потребни ни се функционери кои умеат и сакаат да ја однесат земјава во иднината – а иднина без одржлив развој – нема.

Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. на 18 септември присуствуваше на Отворениот ден за иницијативи на граѓански организации: Консултација за “Програма за намалување на аерозагадување 2020“ на покана од Град Скопје.

На владиниот состанок, на кој учествуваше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, како и останати претставници од МЖСПП и Градот Скопје, претставникот од Здружението Е.Д.Е.Н. ги изложи мерките, односно иницијативата за борба против загадувањето, но и против енергетската сиромаштија.

Мерките кои ние бараме да се вклучат во Програмата за намалување на аерозагадувањето 2020 е неопходно не само да стојат на хартија, но и доследно да се спроведуваат.

Сметаме дека мерката за субвенционирање инвертери како замена за печки e погрешна стратегија зашто така загадувањето само се префрла од сите други места во Битола поради зголеменото производство на струја во РЕК Битола, каде што последиците по човековото здравје се непроценливи со огромен број на заболени и смртни случаи предизвикани од загадувањето“ – истакна во својот воведен говор Марјан Калевски, претставникот на Е.Д.Е.Н.

Наместо инвертери нашиот предлог е да се субвенционираат фотоволтаици за домаќинства кои би добивале вистинска зелена енергија, а тоа би значело тројна добивка – намалени сметки, зелена енергија и помало загадување во Битола.

Во прилог иницијативата која нашиот претставник ја изложи и ја застапуваше на владиниот состанок:

 

Прва фаза

1. Наметнување обврска за поставување фотоволтаични системи на индустриски капацитети

2. Поставување фотоволтаични системи на:

Државни институции и установи со приоритет на здравствени и образовни установи по хиерархиски редослед:

а) градинки, основни, средни, факултети

б) болници, амбуланти

в) културни центри/установи

г) останати објекти на државни/јавни институции

3. Субвенционирање фотоволтаични системи на објекти за индивидуално домување

4. Субвенционирање фотоволтаични системи на објекти за колективно домување

5. Наметнување обврзни високи стандарди за градежните компании – да се условат да градат исклучиво високо енергетски ефикасни објекти со фотоволтаични системи за ел. енергија или т.н. паметни објекти

 

Втора фаза

1. Наметнување обврска на индустриски капацитети за реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) со цел обезбедување на енергетска ефикасност

2. Реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на државни/јавни институции/установи со цел обезбедување на енергетска ефикасност

3. Субвенционирање на реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на објекти за колективно домување со цел обезбедување на енергетска ефикасност

4. Субвенционирање на реконструкција на фасади (како и кровна и подна изолација) на објекти за индивидуално домување со цел обезбедување на енергетска ефикасност

Според заклучокот од здружениот ревизорски извештај издаден во јануари 2019 г. од страна на Холандскиот ревизорски суд и Врховната ревизорска канцеларија во Полска, а во чијашто изработка учествуваа 15 врховни ревизорски институции од Европа, индустриските капацитети се едни од најголемите загадувачи на воздухот. По нив следуваат домаќинствата и останати комерцијални објекти.

 

Со иницијативата која на состанокот ја предложи здружението Е.Д.Е.Н. се цели да се отстранат ризиците предизвикани од објекти со несоодветна изолација кои згора на тоа се загреваат на високозагадувачки енергенси. Со спроведувањето на оваа иницијатива, Македонија не само што ќе фати чекор со најнапредните технологии во светот, туку и потенцијално ќе застане пред портите на ЕУ како една од земјите со најмал јаглероден отпечаток по глава на жител. Како земја со огромен број на сончеви денови во текот на годината (280), проценката е дека сме меѓу првите земји во светот по киловат часови на сончево зрачење на квадратен метар, но за жал, меѓу последните земји според искористувањето на тој наш потенцијал.

 

Очекувани резултати доколку нашата иницијатива се спроведе сеопфатно и темелно се:

- веднаш видливо намалување на стапката на загаденост, особено во текот на зимските месеци кога има критични пикови на загаденост

- во перспектива намалување на јаглеродниот отпечаток на земјата по глава на жител

- намалување на сметките за електрична енергија на државните и јавни институции што ќе предизвика директно и веднаш видливо намалување на непродуктивни буџетски расходи и пренамена на тие средства за други социјални политики

- намалување на сметките за ел. енергија на компаниите и домаќинствата што ќе придонесе за зголемена ликвидност на компаниите и покачен стандард за домаќинствата

- намалување на дополнителните средства потребни за здравствени услуги кои сега изнесуваат 300 милиони евра годишно, а се потребни за покривање на лекувањето кај случаи на влошена здравствена состојба предизвикана од аерозагадувањето

Веќе долги години секојдневно ги чувствуваме последиците од лошите социјални политики и лошите политики за заштита на животна средина. Имајќи ги предвид светските текови и неопходноста од итно преземање драстични мерки за да си ја гарантираме сопствената светла иднина, не очекуваме ништо помалку од сериозен и сеопфатен пристап од страна на македонските институции со кој конечно ќе се зачекори во правилната насока.

За сите дополнителни прашања и забелешки стоиме на располагање.

 

Активисти на Здружение за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н.