NGC 7331 е оддалечена од нас само 50 милиони светлосни години. Оваа галаксија сместена во соѕвездието Пегаз, за којашто најнапред се сметало дека претставува спирална маглина, е една од неколкуте посветли галаксии што не се вклучени во познатиот каталог на Чарлс Месиер од 18 век.
Големата спирална галаксија NGC 7331 порано се сметаше за близнак на нашиот Млечен Пат. Но, поновите сознанија за структурата на нашата галаксија откриваат дека, сепак, овие две галаксии во многушто се разликуваат. Поставеноста на галактичкиот диск резултира со одличен агол за набљудување, па така, астрофотографиите направени со долга експозиција честопати резултираат со слика што предизвикува силно чувство за длабочина.
Групата галаксии што може да се забележи во десниот дел од фотографијата е позната како Стефанов Квинтет. На небото, квинтетот и NGC 7331 се одделени за околу половина степен. А сепак, галаксиите во Квинтетот сe оддалечени околу 300 милиони светлосни години од нас, освен NGC7320, којашто е поблиска од останатите. Групата е доста компактна и во неа може да се забележат и тековните интеракции на оваа тесно поставена групација, каде “во очи” паѓаат тековните моќни галактички судири.
Фотографиите во прилог се направени кон крајот на август од Радан Митровиќ од Скопското Астрономско Друштво. Притоа е употребен телескоп Celestron C8 Edge HD и редуктор 0,63X.