На 14 септември, сабота, во манастирот Св. Спас во близина на Крушево, се одржа “Радиоаматерски собир 2019“, во организација на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија.
Собирот го отвори претседателот на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, м-р Миле Кокотов, а на него присуствуваа радиоаматери од повеќе радиоклубови во Македонија. Имаше присутни од Крушево, Прилеп, Битола, Скопје, Кавадарци, Штип и Гевгелија. Амбиентот беше прекрасен, имајќи предвид дека манастирот Св.Спас е сместен во живописна природна околина, богата со шуми и ливади.
Септемвриските временски услови исто така беа идеални за дружење и размена на искуства од областа на радиотехниката и електрониката, на чист воздух, далеку од загадените градски средини.
Радиоаматерството е прекрасно, интересно и корисно хоби, а овозможува стекнување на техничко знаење кое на младите ќе им користи во текот на целиот живот.
Во последните неколку години, Радиоаматерскиот сојуз посветува посебно внимание на популаризација и ширење на техничката култура кај младите, па тоа резултира са зголемен интерес кај учениците за радиотехниката и електрониката. Во таа насока, радува фактот што на овој собир имаше присутни многу млади радиоаматери.
За време на ова радиоаматерска средба, се организираше натпревар во аматерска радиогониометрија.
Аматерската радиогониометрија, или скратено АРГ, е интересна спортско-техничка радиоаматерска дисциплина, популарно наречена “лов на лисици“. Ја практикуваат радиоаматери од сите возрасти, од најмладите до највозрасните, и многу е забавна, возбудлива и корисна. Победник во АРГ натпреварот е оној кој за најкратко време ќе ги пронајде сите сокриени радиопредаватели, популарно наречени “лисици“. Притоа се користи специјален радиоприемник со кој се слушаат сигналите што ги емитуваат “лисиците“ и се определува правецот и насоката од каде што доаѓаат сигналите на секоја од сокриените “лисици“. Најчесто се разместуваат 3 до 5 радио предаватели на отворен простор од неколку квадратни километри.
Аматерската радиогониометрија прави симбиоза од неколку многу корисни работи за младите и за возрасните (техничко знаење, физичка спремност и општа интелигенција), па како таква оваа активност има многу позитивни придобивки:
• Запознавање со радио-техниката и електрониката (најголемиот број на радиоаматери сами си ги изработуваат своите АРГ-приемници, популарно наречени - “лисичари“;
• Стекнување на систем од вештини за ориентација и снаоѓање во просторот, користење на карта и компас;
• Развивање на менталните и когнитивните способности, како и развој на интелигенцијата, особено кај помладите;
• Спортување и подобрување на општите физички способности преку трчање за што побрзо да се најдат “лисиците“. Тоа подразбира излегување од дома и рекреација на отворено, на чист воздух;
• Дружење и запознавање на нови пријатели.
На натпреварот во аматерска радиогониометрија се постигнаа следниве резултати:
• Во категорија девојчиња од 10 до 12 години, првото место го освои Софија Хасану од Крушево.
• Во категорија девојчиња од 12 до 14 години, првото место го освои Андреа Микулек од Прилеп.
• Во категорија девојчиња од 16 до 18 години, првото место го освои Јована Станковска од Скопје, а второто место и припадна на Христина Микулек од Прилеп.
• Во категорија девојки од 18 до 20 години, првото место го освои Емилија Хасану од Крушево.
• Во категорија момчиња од 10 до 12 години, првото место го освои Славчо Халев од Прилеп.
• Во категорија момчиња од 12 до 14 години, првото место го освои Филип Донев од Штип, а на второ место се пласира Иван Сојилков од Штип.
• Во категорија момчиња од 14 до 15 години, првото место го освои Давид Станковски од Скопје, второто место му припадна Дарко Ѓорѓиевски од Штип, а третото место беше за Иван Зафиров од Штип.
• Во категорија момчиња од 15 до 16 години, првото место го освои Бобан Герасимовски од Штип.
• Во категоријата ветерани над 50 години, првото место го освои Сократи Хасану од Крушево.
Освен натпреварот во АРГ, на Радиоаматерскиот собир во манастирот Св. Спас се одржа тркалезна маса на која се дискутираше за актуелните радиоаматерски состојби и се разменуваа идеи за делување во претстојниот период. Исто така беа презентирани неколку нови радиотехнички уреди за прецизно мерење на антени и други РФ елементи.
Велјан Ѓорѓиов, тим лидерот на младиот четиричлен тим од Македонија што минатиот месец учествуваше на меѓународниот YOTA камп во Бугарија, даде краток извештај за искуствата стекнати за време на еднонеделниот камп на кој имаше присутни млади радиоаматери од целиот свет.
За време на собирот беше инсталирана една портабл радиостаница со соодветна антена, па младите радиоаматери можеа да видат како се одржуваат радиоврски со радиоаматери од целиот свет.