По дваесет години, на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово повторно се одржа натпревар на најдобрите едриличари од нашата република и од просторите на поранешна Југославија. Кумановските едриличари често настапуваат на натпревари во Босна и во Србија, во категоријата прецизно слетување, а стекнатите искуства сега ги употребија во организацијата на првиот меѓународен Бланик куп во прецизно слетување.
Прецизно слетување со едрилица претставува слетување на одредена линија, во претходно одреден простор, при што доколку се слета пред или по одредената точка, следуваат казнени поени. Впрочем, овој вид бодување се практикуваше и кај моторното летање, во досегашните натпревари организирани на републичко ниво, на регионално ниво на просторите на поранешна Југославија, но и на интернационалните Рели натпревари.
Натпреварот се одржа на 7 септември, во пресрет на Денот на независноста на Република Македонија. Организатори беа Воздухопловната федерација на Македонија (ВФМ) и Аероклубот Куманово од Куманово, а манифестацијата доби поддршка од повеќе спонзори. Учество зедоа вкупно 30 натпреварувачи, од кои 15 од Македонија, а исто толку беа од поранешните југословенски простори – Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска. Натпреварувачите од Македонија беа од клубовите Скопје, Штип и Куманово. Раководител на натпреварот беше Драган Саздовски, а будно го следеа тројца судии.
Во дисциплината прецизно слетување во поединечна конкуренција, по одредениот број полетувања и слетувања, првопласиран беше Марјан Ивановски од АК Куманово, кој се закити со златен медал . Второпласиран и освојувач на сребрениот медал беше Ненад Давидовиќ, исто така од АК Куманово, а третото место и бронзениот медал го поделија Никола Ивановски од АК Куманово и Слободан Ѓуровик од АК Краљево, Србија.
Во отворена конкуренција екипно редоследот беше следен: 1. место за АК Куманово со едриличарите Марјан Ивановски и Никола Ивановски; 2. место за АК Микула со едриличарите Слободан Џуровик и Дејан Сариќ; додека третото место им припадна на АК Штип со едриличарите Раде Ивановски и Методка Стојанов.
Признанијата и медалите, како и пехарите за најдобрите поединци и екипи беа доделени на крајот од натпреварот. Раководителот на натпреварот Драган Саздовски им се заблагодари на сите учесници за учеството, но и за одличните резултати и високиот степен на безбедност при летањето.
Од изјавите на учесниците општ е впечатокот дека се работи за извонредно организиран натпревар кој претставува чекор нанапред во развојот на оваа гранка од воздухопловните спортови.
Во неформалните разговори проструи идејата за формирање регионална лига што ќе ги опфаќа просторите на бившите републики од СФРЈ, слично на регионалните лиги што веќе постојат во другите спортови – фудбал, кошарка, ракомет... Секако, амбициите одат и понатаму, да се влезе во некој календар за натпреварување по ФИА стандард, што би ја опфатил цела Европа.
На крајот би се заблагодарил на организаторите на овој натпревар, ВФМ и АК Куманово, за отстапените ранг-листи за пласманот на учесниците, како и за фотографиите употребени за илустрација на оваа вест. Секако, се надевам дека следната година ќе го видиме и одржувањето на вториот Бланик куп, а верувам дека традицијата во воздухопловно едриличарство ќе продолжи и во прелети.