Рубрика: Биологија
Чудни микроби откриени во најстарата вода на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.09.2019 - 14:00

Теоријата дека длабоко во утробата на Земјата се крие сосема непознат свет е одамна присутна во научните кругови, а била инспирација и за повеќе научно-фантастични раскази и романи, меѓу кои и прочуениот роман на Жил Верн “Патување во центарот на Земјата”.

Едно неодамнешно откритие во Канада укажа на тоа колку сè уште непознат свет се крие под нашите нозе. Токму пред една недела, американското научно-популарно списание The Scientist ја пренесе веста дека група научници откриле микроби кои живеат од сулфатни соединенија на длабочина од повеќе од 2,4 километри под површината на Земјата. Микробите се наоѓале во сулфатна вода којашто била заробена во пукнатините од карпата со стотици милиони години, а можеби и милијарда години.

Истражувачите ги култивирале микробите што потекнуваат од Кид Крик, рудникот за бакар и цинк којшто е длабок речиси 3 километри. Како што минатиот месец беше објавено во Geomicrobiology Journal, токму во овој рудник, кој се наоѓа  на територијата Онтарио во Канада е откриена најстарата вода на планетава, барем според досегашните сознанија. Микробите кои биле откриени во оваа вода ја засилуваат теоријата дека длабоко во навидум “негостопримливата” Земјина кора постои просперитетна биосфера којашто има мала или никаква интеракција со животот на површината.

Клучни зборови: