Веста дека Facebook ќе создаде своја криптовалута, односно дека ќе подигне потполно независна платформа за дигитални плаќања, го разбранува политичкиот и бизнис секторот, а особено ги заинтересира законодавците и регулаторите.
Многу брзо по првата најава дека за лансирање на криптовалутата Libra, прв се огласи американскиот Конгрес со упатство до Facebook да не презема никакви понатамошни чекори додека нивните одбори не прегледаат за што се работи конкретно. Потоа се јавило и здружението за заштита на податоци кое изрази длабока загриженост дека Facebook, којшто по низата пропусти се покажа како недоверлива платформа во овој сегмент, со новата криптовалута би можел дополнително да ја загрози приватноста на корисниците.
Покрај овие негативни реакции, пристигна и истрагата од Европската Комисија. Според документите што Bloomberg ги добил на увид, Европската комисија го истажувала потенцијалното нарушување на фер-плеј условите на пазарот. Во комисијата се загрижени дека Libra би можела да ја блокира конкуренцијата при размената користејќи ги приватните податоци од нејзините корисници. Според ЕК, Facebook, како бизнис сила, преку дигиталното плаќање со Libra лесно би можел да ја елиминира конкуренцијата на начин којшто не е дозволен во Европската Унија.
Колку за потсетување, уште при најавата на Libra Facebook кажа дека таа ќе биде под ингеренција на швајцарските власти, бидејќи седиштето на Libra Association ќе биде сместено во Женева. Од друга страна, пак, соодветните органи во Република Швајцарија досега сè уште не добиле никакви информации за овој план, но очекуваат да бидат контактирани до крајот на овој месец.