Рубрика: Омнибус
Tersa Steam – гардероберот што пегла за вас
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.08.2019 - 12:30

Создаден е навистина паметен шкаф во којшто штом ќе ја закачите вашата кошула, таа автоматски ќе ви биде испеглана. Ви звучи како далечен сон? Со “мала” инвестиција, овој сон може да стане стварност.

Ако пеглањето не ви е една од омилените куќни обврски, за околу 350 евра ќе можете да обезбедите совршено испеглани кошули и многу дополнително слободно време за да го правите она што ви се допаѓа. Сето тоа благодарение на Tersa Steam, интелигентниот гардеробер што за неколку минути ќе ви ги испегла со пареа облеката и кошулите, а резултатите се достојни и за најдобриот професионалец.

Начинот на којшто работи овој револуционерен апарат е едноставeн: само закачете го парчето облека што треба да се испегла во соодветниот оддел, додадете вода и притиснете на копчето. За 10 минути, вашата облека ќе ви биде вратена подготвена за носење, во состојба како да излегла од најдобриот салон за хемиско чистење и перење во градот. За најпребирливите, постои опција за парфимирање на облеката, што се прави со специјални мирисливи капсули со повеќе ароми, во форма слична со капсулите наменети за приготвување кафе со кујнски автомат.

Според своите конструктори, Tersa може истовремено да ја пегла и да ја дезинфицира облеката, благодарение на пареата. Притоа со неа може да се пегла каков било вид облека, независно од видот на ткаенината, па така може да се употреби и за повеќето алишта коишто се деликатни за пеглање.

Шкафчето е еколошко и со ниска потрошувачка. За магијата на пареата од Tersa да функционира, потребни се само 10 cl (сантилитри) вода на еден циклус. Гардероберот е направен од рециклирани материјали и од пластика и, благодарение на неговиот минималистички дизајн, совршено се вклопува во секој вид мебел.

На задоволство на најпребирливите “гикови”, тој е опремен и со Wi-Fi врска, а благодарение на мобилната апликација, може да се контролира и од далечина.

Ако производот ве воодушеви, можете да го резервирате за 349 долари на Индигого (тука). Испораката е закажана за следната пролет.

Клучни зборови: