Изминатиот викенд, Центарот за европски развој и интеграција во партнерство со Центарот за култура Битола, по седми пат го реализираше фотоконкурсот и изложбата “Со љубов од Битола”.
Оваа година, пријавувањето за изложбата беше малку посложено и со точно определен рок, сè со цел организаторот да има време и можност за прием на фотографиите, а жири-комисијата да одреди кои од фотографиите ќе се прифатат за изложбата и кои ќе бидат наградени.
Како што објави претседателот на ЦЕРИ и координатор на проектот Диоген Хаџи-Коста Милевски, стручното жири во состав Драган Брачиќ, Ивона Кочов и Димитар Чунговски ги разгледале сите 105 пристигнати фотографии од 47 автори, по што направиле селекција на 30 најдобри кои беа и дел од изложбата “Со љубов од Битола 2019”. Изложбата беше поставена пред НУ Центар за култура, Битола, а ќе биде отворена за публиката до 25 август, во фоајето на Центарот.
На свеченото отворање, на 27-те автори на фотографиите, меѓу кои се најде и авторот на овој напис, им беа доделени благодарници за придонес кон изложбата, а трите најдобри фотографии беа наградени со парични награди и, секако, со дипломи.
Третопласирана беше Александра Бунчевска со фотографијата “Другарчиња”, второпласирана беше фотографијата “Lady оn а Trainstation” на Димитар Ристевски, a првата награда, во износ од 4000 денари, ја освои Ангела Зацевска за фотографијата “Огнено срце за Битола”.
Правејќи резиме, ме радува што од година во година бројот на учесниците е сè поголем, па жири-комисијата има навистина тешка задача да се одлучи за потесниот избор на фотографии, а особено да одреди кои од нив ќе бидат наградени.
Како што веќе напоменав, оваа изложба се одржува по седми пат и седумпати се прифатени мои фотографии. Во 2018 година добив Благодарница за личен придонес, која многу ми значи, особено што на некој начин дадов поттик за одржување на оваа изложба. Оваа година ме радува што партиципирав со 4 фотографии, од кои едната, со тема од воздухопловното моделарство, беше прифатена за изложба. Еден друг момент, којшто подеднакво ме радува, е што во изминатиот период фотографиите се продадоа, а средствата беа наменети за хуманитарна акција. Верувам дека наредната година на фотоконкурсот ќе учествуваат повеќе фотографи.
Како што сум информиран, во организацијата на настанот со финансиска поддршка учествуваа и Министерството за култура, како и Млекарата Бимилк.