Ученичката Ана Марија Атанасовска од средното училиште “Раде Јовчевски Корчагин“ го освои второто место на светскиот натпревар Microsoft Office Specialist што оваа година се одржа од 28 – 31 јули во Њујорк, САД. Со ова Македонија го направи најголемиот успех досега на овој престижен светски шампионат. Microsoft Office World Championship е најголемиот IT натпревар во светот и вклучува повеќе од 850000 учесници од цел свет. Притоа учесниците се натпреваруваат во повеќе категории, поделени според апликациите на Microsoft Office– PowerPoint, Excel и Word.
Ана Марија Атанасовска се натпреваруваше во конкуренција од 152 учесници од 119 земји во светот, во категоријата Microsoft PowerPoint 2013. Таа на крајот од мај беше избрана за национален претставник, по победата во финалето на државниот натпревар кој се одржа во Скопје, а на кој учествуваа најдобрите 40 млади од речиси 700 пријавени лица. Натпреварот за Microsoft Office Specialist во нашата држава се одржува веќе четврти пат по ред, додека за Adobe Certified Associate по вторпат.
Атанасовска на прес-конференцијата во i-bank store филијалата на Стопанска Банка во Скопје истакна дека патот до успехот никогаш не е лесен, исполнет е со многу труд и многу работа.
“Интензивно почнав да се подготвувам за овој натпревар веднаш по освојувањето на титулата национален шампион, односно веднаш кога го освоив првото место на националниот MOS натпревар. За натпреварот се подготвував гледајќи различни видеа, видео-клипови за оваа програма користејќи различна литаретура и правев различни презентации кои ми помогнаа дополнително да ја усовршам програмата Power Point 2013. Се подготвував во соодветни услови во просториите на компанијата Certiadria, а секако тука беше и мојата менторка Жаклина Прекич, која секогаш беше тука да одговори на секое прашање”, рече Атанасовска. Додаде дека чувството да се биде светски вице-шампион е навистина прекрасно, но напомена дека освен со титула, од Њујорк се вратила со огромно искуство, стекнати пријателства и мотивација за личен развој.
Според генералната директорка на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасева, која истакна дека плановите и желбите за наредната година се Македонија да има 9 претставници и тоа 6 во Microsoft Office конкуренција и 3 Adobe натпреварувачи. Исто така, таа апелираше за поголема помош и активно вклучување на поголем број компании и државни институции со поддршка, со цел да се овозможи присуство на македонските претставници во поголем број на глобалните шампионати Microsoft Office Specialist и Adobe.
Директорот на Certiadria, Марко Серафимовски, им се заблагодари на сите поддржувачи на овој натпревар кои во изминатите 4 години ги препознаа потенцијалот на нашите млади, како: Стопанска Банка Скопје, Град Скопје, VIP, Макпетрол, Метрополис Радио, Витаминка и Lycamobile. Додавајќи дека овој голем успех е мотив за повеќе млади да се пријават на овој натпревар наредната година. “Овој настан сакам да го искористам и да ги повикам сите ученици и студенти на возраст од 13-22 години активно да се вклучат во натпреварите и да го докажат своето знаење. Повик и до наставниците, професорите, менторите и родителите од цела Македонија, да ги поттикнуваат своите ученици и деца да се натпреваруваат со знаење и да го инвестираат и насочат своето време, труд и знаење кон нив. Благодарност до сите учесници и компании за досегашната поддршка и се гледаме на 5-от натпревар кој ќе започне во септември оваа година на државно ниво.” – изјави Марко Серафимовски.
Организатори и спонзори на натпреварот во учебната 2018/2019 година се Certiadria, Семос едукација, Град Скопје и Стпанска банка АД – Скопје.