Четириесетгодишниот Французин Френки Запата вчера (4.8.2019 г.) го прелета Ламанш со помош на својата летачка штица (флајборд, flying board). Потфатот беше остварен во вториот обид да го прелета Ламанш. Притоа тој полета од местото Сангат во близина на Кале, на северот на Франција и, по кратка пауза за полнење гориво некаде на половина пат, успеа да го помине теснецот, по што слета во Сент Маргаретс Беј, близу Довер.
Петте турбини на летачката штица која работи на керозин, му овозможија да лета со брзина од околу 170 километри на час и за само 20 минути, летајќи 15 - 20 метри над водата, стигна од Франција до брегот на Велика Британија, прелетувајќи околу 35 километри.
Запата веќе еднаш на 25 јули се обиде да го прелета Ламанш, но падна во водата по неуспешното слетување на малата платформа на којашто требаше да го замени ранецот со гориво. Поради тоа, Запата овојпат користеше поголем брод за платформа, што му овозможи успешно да го помине 35,4-километарскиот теснец.
Пронаоѓачот се стекна со светска слава минатиот месец, кога на својот “флајборд“ прелета над присутните на Елисејските полиња во Париз, во текот на парадата по повод Денот на Бастилја, при што и францускиот претседател Емануел Макрон ja ретвитна видео-снимката од неговиот прелет.
“Последните пет-шест километри ми беа вистинско задоволство! Не знам дали е ова историски момент или не. Останува да видиме“, скромно им рече на англиските новинари кои го пречекаа. “Сè помина во најдобар ред. И покрај тоа што краткото слетување беше комплицирано, ја гледав Англија кон која се приближував и не помислував на нозете кои ме болеа” – рече Запата по слетувањето и додаде дека летал со брзина од 160 до 170 километри на час. Летачката штица (флајбордот), којашто ја продава неговата компанија за водени спортови, содржи 5 турбини кои работат на керозин. Горивото е сместено во резервоар во ранецот што се носи на грб, а стапалата се прицврстени на леталото.