... барем кога се во прашање, клетките на живи глувци
Истражувањата спроведени последниве години покажуваат дека е можно да се забави или дури и да се врати назад процесот на стареење, барем кај глувците, со промени во гените односно со поништување на одредена нивна активност. Теоретски се смета дека ќе може да се предизвикаат разни видови на промени коишто би можеле да го вратат животот на луѓето со децении наназад или со други зборови кажано возрасните клетки да се вратат на ниво на ембрионски клетки! Но...
Научниците од Институтот за биолошки истражувања Салк успеале да манипулираат одредена активност на гените и на тој начин ги вратиле клетките на живи глувци на ниво на ембрионски клетки, забавувајќи го процесот на стареење и забрзувајќи го закрепнувањето од повреди кај глувци на средна возраст. Студијата додава тежина на научните аргументи со фактот што стареењето главно се одвива преку процесот наречен епигенетски промени, со кои гените можат да бидат помалку или повеќе активни.
Можеби тука е потребно да се кажат неколку збора за тоа што е епигенетика и таканаречениот ево-дево процес. Епигенетика е наука којашто се занимава со прашањето што ги насочува првичните ембрионални клетки, кои се мултипотентни, да се издиференцираат во клетки што ќе создадат коскено, мускулно, нервно... ткиво или според кој рецепт тие првични матични клетки по принципот ево-дево (evolution of development) се диференцираат, и што влијае на брзината на тие промени. Проучувајќи ја оваа проблематика, истражувачите заклучиле дека на брзината на промените во активноста на гените, покрај наследниот фактор, влијаат и некои фактори од опкружувањето. Низ експерименти и друг вид истражувања, исто така дошле до заклучок дека текот на животот на активноста на тие мобилни регулатори има мошне големо значење. Такви мобилни регулатори се на пример пушењето, загадувањето на средината, лошиот начин на живот и друго. Тие фактори можат да го забрзаат или да го забават стареењето на клетките. Ако овие промени се акумулираат, тогаш, на пример, нашите мускули стануваат слаби, нашите мисли се забавени, кожата ни станува збрчкана, стануваме подложни на болести и друго. Прашањето на стареење и забавување на овој процес отсекогаш е предмет на интерес на научните и истражувачките кругови, но и на обичните луѓе.
Истражувачите за кои станува збор во овој напис се обидуваат да најдат начин како може да се влијае токму на овие процеси И бараат можност како да ја променат брзината на овие промени во една или друга насока, а главната цел на почетокот им била да превенираат болести или да го забават развојот на некоја болест. Чекорејќи кон оваа цел, тие дошле до едно истражување во коешто е опишан методот за можност за враќање барем на некои од овие промени во процесите на ниво на клетка.
Научниците најнапред правеле експерименти како што е вообичаено на глувци, а потоа на човечки клетки создадени инвитро. Според добиените резултати, тие сметаат дека конечно може да се работи и врз клетки од живи луѓе.
“Стареењето е нешто како пластика која може да се манипулира”, вели Хуан Карлос Исписуа Белмонте (Juan Carlos Izpisua Belmonte), главен автор и експерт во генската студија кој работи на Институтот Салк. Во нивната студија, Белмонте и неговите колеги подмладиле клетки, делувајќи на четири гени коишто имаат способност да се претворат од возрасни клетки назад, во клетки на ниво на ембрион. Биле активирани четири гени. Овој метод е познат уште како “Јаманака фактори”(Yamanaka) според истражувачот Шиња Јаманака (Shinya Yamanaka), добитник на Нобеловата награда во 2006 година за успешно подмладување на оштетен мускул и панкреас кај глувци на средна возраст.
Бидејќи Јаманака факторите се обратни промени на регулаторите што предизвикуваат стареење на гените, научниците во оваа студија гледаат уште еден доказ дека стареењето е процес управуван од страна на епигенетските промени.
“Мислам дека епигенетското репрограмирање е крајниот начин за да се преврти процесот на стареење”, вели Дејвид Синклер (David Sinclair) генетичар и истражувач на темата „анти-стареење” на Универзитетот Харвард кој не бил вклучен во студијата, но работи на слични работи.
“Мојата лабораторија има многу докази дека примарниот двигател на она што ние го нарекуваме стареење е тесно поврзан со карактеристиките на епигенетските промени”, вели тој.
“Студијата на Институтот Салк беше спроведена на глувци на средна возраст. Но, теоретски, одложувањето на епигенетските промени може да биде и на глувци и на луѓе на која било возраст, вели првиот автор Алехандро Окампо (Alejandro Ocampo), кој исто така е член на тимот, и додава дека дури и клетки од луѓе стогодишници може да се подмладат. Тој и Белмонте сметаат дека може да се подобрат ефикасноста и резултатите на оваа техника со повеќе истражувања и дека овој метод се изведува со хемикалии, па е поедноставен отколку методот со “Јаманака фактори”. Мет Каберлејн (Matt Kaeberlein), молекуларен биолог на Универзитетот во Вашингтон кој го проучува стареењето, а не бил вклучен во овој тим, вели дека ако други истражувачи откриле дека Јаманака факторите подмладуваат клетки, тогаш оваа студија не е изненадувачка. Тој уште вели дека оваа студија покажува дека може да биде можно не само да се забави старењето, туку и да се регулира неговата брзина.
“Ова е навистина возбудливо. Тоа значи дека дури и кај постарите луѓе постои можност да се врати младешката функција на некои органи, вклучувајќи го и младешкиот изглед”. Тој исто така забележува дека резултатите од новата студија се многу слични на оние кога старите клетки, оние што ја изгубиле својата функција поради стареењето, се отстрануваат од телото од истите причини.
Мануел Серано (Manuel Serrano) експерт за стареење при шпанскиот Национален центар за истражување на ракот во Мадрид, кој не бил вклучен во ова истражување, вели дека е импресиониран од овие резултати.
“Јас целосно се согласувам со заклучоците. Оваа студија покажува дека епигенетските промени се делумно одговорни за стареењето, и со репрограмирањето или со нивното отстранување може да се поправат одредени оштетувања.
Но, оваа студија исто така покажала и колку е тенка линијата меѓу доброто и лошото. Глувците на кои им биле направени повеќе од седум третмани развиле тумори и рак, и угинале многу брзо, во рок од една недела. Кога делувањето било намалено на само два дена од седум, резултатите биле подобри.
“На крајот, може да се заклучи дека е добро да се работи на продолжувањето на човечкиот живот и на подмладувањето, но треба да се внимава бидејќи ова е игра со огин. Истражувањата треба да одат во насока на продолжување на здравјето и квалитетот на животот, а не продолжување на животот или на младоста по секоја цена. Крајната цел на истражувањата треба да биде подолг здрав живот, без болести”, велат истражувачите.