Рубрика: Информатика
Windows 7 за шест месеци оди во пензија
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 25.07.2019 - 11:45

Windows 7 наскоро оди во заслужена пензија. Тоа не би преставувало проблем ако не беше збор за широко застапен оперативен систем во светот, со повеќе од 35% корисници, со што тој е втор најпопуларен оперативен систем во светот, веднаш зад Windows 10. Овој оперативен систем беше претставен на 22 јули 2009, од страна на Microsoft, а првичната верзија веќе одамна не добива надградба, уште од 9 април 2013 година, односно откако Microsoft донесе одлука дека идните надградби и нови можности може да ги добиваат само компјутери со инсталиран Service Pack 1. Две години потоа, на 13 јануари 2015 година, Microsoft го прекина развојот на нови можности за Windows 7 и премина во фаза на продолжена поддршка, со којашто продолжи да произведува само безбедносни надградби за Windows 7.

Сега и таа последна фаза е пред крај, поточно ќе заврши на 14 јануари 2020 година. Од тој датум, компаниите што и понатаму сакаат да се задржат на веќе 11 години стариот оперативен систем ќе мораат да му плаќаат на Microsoft за безбедносна надградба. Но тоа ќе можат да го прават до 10 јануари 2023 година, кога Windows 7 конечно и трајно ќе биде напуштен од страна на неговиот производител, Microsoft.

Моментално, состојбата не е добра. И покрај понудата на Microsoft кон корисниците за бесплатно да ги надградат своите компјутери со Windows 10, многумина тоа не го сторија. За ова има повеќе причини. Некои сметаат дека Windows 7 е побрз и подобар, други, пак, се плашат од шпиунирање од страна на Windows 10, а трети едноставно се навикнале на интерфејсот и не сакаат да ги менуваат навиките. Не треба да се заборави дека ни дека мал дел од корисниците поради стар софтвер не можат да прејдат на нов Windows, бидејќи нема поддршка.

Интернет-страницата NetMarketShare наведува дека Windows 7 моментално го користат 35,38% корисници, што го прави втор најпопуларен оперативен систем на светот. Пред него е, секако, Windows 10, кој моментално има 45,79% корисници, додека на трето место е macOS (10.14) со 5,31% корисници.

Се чини дека Windows 7 ќе стане новиот Windows XP со којшто Microsoft исто така имаше проблем, односно со неговите корисници кои и по долга низа години од укинувањето на службената поддршка продолжија да го користат. На пример, некаде кон средината на 2015 година, односно една година по укинувањето на службената поддршка, Windows XP имал повеќе од 14% верни корисници. Слично, ако не и полошо сценарио се очекува и за Windows 7.

Клучни зборови: